Сафиедин е роднина на Хасан Насрала, лидерот на Хезболах кој беше убиен во израелски напад врз Бејрут на 27 септември / Photo: Reuters

Израелската војска вчера потврди дека шефот на Извршниот совет на Хезболах, Хашим Сафиедин, кој требаше да биде избран за нов лидер на либанската милитантна група Хезболах, е убиен во израелски напад врз Бејрут на 4 октомври.

Телото на Сафиeдин било извлечено од урнатините во Ал-Мреије, јужен Бејрут, доцна во вторникот, заедно со 23 други тела, објавија либанските медиуми.

Израелската војска соопшти дека Сафиедин бил убиен заедно со шефот на разузнавањето на Хамас, Хусеин Али Хазим за време на нападот на 4 октомври, објави „Тајмс оф Израел“.

Се посочува дека цел на тој напад бил подземниот разузнавачки штаб на Хезболах во јужните предградија на Бејрут.

Војската соопшти дека повеќе од 25 членови на разузнавачката единица на Хезболах биле во штабот кога бил извршен нападот.

Сафиедин не бил достапен по нападот, изјавија либански безбедносни извори, но израелската војска дури вчера ја потврди неговата смрт.

Хезболах се уште не потврди дека тој е убиен.

Сафиедин, кој беше прогласен за терорист од американскиот Стејт департмент во 2017 година, е роднина на Хасан Насрала, лидерот на Хезболах кој беше убиен во израелски напад врз Бејрут на 27 септември.


TRT Balkan / агенции
Популарни