Израелската Армија денес соопшти дека распоредила нова дивизија за нејзината тековна копнена операција во јужен Либан.
Во соопштението на војската се вели дека 91-та Галилејска дивизија на Армијата, која ги вклучува 3-тата и 8-тата резервна бригада и Северната Нахал-бригада 228, била испратена во јужен Либан.
„Од почетокот на војната, 91-та дивизија спроведе значителен број офанзивни и одбранбени операции со цел да ја деградира и нападне терористичката организација Хезболах и нејзината инфраструктура во јужен Либан, користејќи копнени и воздушни напади“, се вели во соопштението.
Во последните денови, израелската Армија најави распоредување на својата 98-ма и 36-та дивизија во јужен Либан како дел од нејзината поширока офанзива таму.
Израел спроведува немилосрдни воздушни напади од 23 септември против, како што ги нарекува, локациите на Хезболах низ Либан, при што загинаа повеќе од 1.200 луѓе, а повредени се над 3.400. Тел Авив, исто така, започна копнена инвазија на јужен Либан на 1 октомври.
Воената кампања беше ескалација на едногодишниот конфликт меѓу Израел и Хезболах од почетокот на бруталната офанзива на Тел Авив врз Појасот Газа, во која се убиени речиси 42.000 Палестинци, главно жени и деца, по нападот на Хамас во октомври минатата година.
Поради израелските напади врз Либан, според либанските власти, оттогаш се убиени најмалку 2.036 луѓе, над 9.500 се повредени, а 1,2 милиони се раселени.
И покрај меѓународните предупредувања дека регионот на Блискиот Исток е на работ на регионална војна поради немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, Тел Авив го прошири конфликтот со започнувањето копнена инвазија на 1 октомври во јужен Либан.