Министерството за надворешни работи на Израел денеска соопшти дека Јужноафриканската република (ЈАР) е „правна рака на Хамас“, откако земјата го претстави својот случај пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП) против Израел за наводен геноцид во Појасот Газа.
„Јужна Африка, која функционира како легално продолжување на терористичката организација Хамас, целосно ја искриви реалноста во Газа и го игнорираше фактот дека терористите на Хамас се инфилтрираа во Израел, каде што убиваа, егзекутираа, масакрираа, силуваа и киднапираа израелски граѓани, само затоа што беа Израелци во обид да се изврши геноцид“ напиша портпаролот на израелското Министерство Лиор Хајат на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека Јужна Африка „се стреми да му дозволи на Хамас да се врати во Израел и да ги изврши воените злосторства, злосторствата против човештвото и сексуалните злосторства што постојано ги правеа на 7 октомври“.
„Претставниците на Хамас во судот, јужноафриканските адвокати, исто така го игнорираат фактот дека Хамас го користи цивилното население во Газа како жив штит и дека дејствува од болници, училишта, засолништа на ОН, џамии и цркви со намера да ги загрози животите на жители на Појасот Газа“, изјави Хајат.
ЈАР денеска на отворањето на сослушувањето пред Меѓународниот суд на правдата изјави дека Израел го подложува палестинскиот народ на апартхејд и геноцид.
Адвокатите тврдат дека Израел го прекршил членот 2 од Конвенцијата на ОН за геноцид од 1948 година, со тоа што извршил дела кои потпаѓаат под дефиницијата за геноцид.
„Активностите на Израел покажуваат шема на систематско однесување од кое може да се заклучи дека се работи за геноцид“, изјави адвокатката на Високиот суд на Јужна Африка, Адила Хасим и побара итно прекинување на израелската воена кампања во Појасот Газа.
Израел утре ќе го изнесе својот одговор пред судот.