Операцијата на Израел за пронаоѓање и убивање на лидерот на вооруженото крило на Хамас Мухамед ал Даиф ќе трае „долго“, изјави портпаролот на израелската армија.
Контраадмиралот Даниел Хагари на прес-конференцијата ја истакна потребата да се пронајде и убие водачот на Бригадата Ал-Касам, Даиф, наведувајќи дека без разлика колку време е потребно, тоа мора да се постигне, но дека ќе биде потребно значително време, објави дневниот весник Једиот Ахронот.
Од нападот на Хамас на 7 октомври врз Израел, Тел Авив ја нагласи својата цел да ја елиминира палестинската група Хамас, но повеќето меѓународни аналитичари изразија скептицизам дека тоа некогаш би можел да го стори.
Хагари, исто така, рече дека израелската армија го завршила уривањето на подземната инфраструктура под болницата Ал-Рантиси во северниот дел на градот Газа, тврдејќи дека открила „неколку километри“ од таквата инфраструктура.
Израел започна масовна воена кампања на Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, при што според локалните здравствени власти загинаа најмалку 21.110 Палестинци, главно жени и деца, а беа повредени 55.243 други.
Нападот ја остави Газа во урнатини, при што 60% од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, а речиси 2 милиони луѓе се раселени поради сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Се верува дека околу 1.200 Израелци биле убиени во нападот на Хамас.