Израелска министерка денес повика да се продолжи окупацијата на Појасот Газа „на многу долго време“ и да се анектира окупираниот Западен Брег.
„Не сметам дека треба да има стратегија за излез од Газа“, изјави министерката за населување Орит Струк за весникот „Једиот ахронот“.
„Поставивме многу јасни цели за оваа војна, која е еден вид договор меѓу Владата, војниците и нивните семејства.“
Строук, инаку членка на краjно десничарската партија Еврејска моќ, тврдеше дека израелското воено присуство во Газа има за цел да обезбеди ослободување на израелските заробеници во енклавата и да ги разбие воените и организациски способности на Хамас.
Mинистерката од крајната десница рече дека најклучна цел е да се осигури дека „Газа повеќе нема да претставува закана за Израел“.
За да се постигне ова, „Израел ќе треба да го одржи своето присуство таму многу долго време“, додаде таа.
Строук и нејзината партија постојано се спротивставуваа на каков било договор за прекин на огнот и размена на затвореници со палестинските групи во Газа, каде што целото нејзино население кое брои 2,3 милиони е на работ на глад.
Израел ја продолжи својата разорна офанзива во Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Во офанзивата досега убиени се над 43.700 Палестинци, а енклавата е направена речиси непогодна за живеење.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите дејствија во Газа.
Анексија на Западниот Брег
Израелската министерка повика и на анексија на окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.
Струк истакна дека се чувствува охрабрена од идниот тим на американската администрација најавен од новоизбраниот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи ги и личностите како кандидатот за државен секретар Марко Рубио, амбасадорот во Израел Мајк Хакаби и секретарот за одбрана Пит Хегсет.
„Овие назначувања“, рече таа, „се позиции кои се усогласуваат не само со ставот на израелската Влада, туку и со мнозинскиот поглед на израелскиот народ“.
Таа нагласи дека нејзиното Министерство „работи со полна пареа во подготовка за спроведување на суверенитетот“ над Западниот Брег.
Во понеделникот, израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, рече дека 2025 година ќе ја одбележи годината на примена на израелскиот суверенитет над окупираниот Западен Брег, со што ќе стави крај на „заканата“ од палестинска држава.
Кога беше прашана за идниот статус на Палестинците на Западниот Брег под анексија, Строук избегна конкретни коментари и рече: „Секој треба да има човекови права, но националните права во оваа земја ќе му припаѓаат исклучиво на народот на Израел“.
Притисната за тоа дали овие права ќе вклучуваат гласање, таа појасни: „Целосни индивидуални права, но не и национални права - националните права на оваа земја му припаѓаат исклучиво на еврејскиот народ“.
Со децении, Израел ги окупира палестинските територии и се спротивставува на независна палестинска држава во границите од пред 1967 година со Источен Ерусалим како главен град, став што е спротивен на повеќе меѓународни резолуции.