Жртвата била волонтер за кампањата ФАЗАА, која има за цел да ги поддржи и заштити палестинските фармери oд илегалните израелски доселеници и војската

Израелските сили во петокот убија американска активистка за време на протестот против илегалните израелски населби во градот Беита во областа Наблус, на окупираниот Западен Брег.

Фуад Нафа, директор на болницата Рафидија, изјави за Анадолу дека жената, која имала американско државјанство, била донесена во болница со прострелна рана во главата.

„Се обидовме да ја оживееме, но таа им подлегна на повредите“, рече Нафаа.

Очевидци изјавија дека израелските војници отвориле оган врз група Палестинци кои учествувале во демонстрациите за осуда на илегалните населби на планината Сбеих во Беита, јужно од Наблус.

Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА потврди дека жртвата е американски државјанин и волонтер за кампањата ФАЗАА, иницијатива која има за цел да ги поддржи и заштити палестинските фармери од тековните кривични дела од страна на илегалните израелски доселеници и војската.

Жителите на Беита одржуваат неделни протести по џума молитвата, петочната молитва на муслиманите, за да се спротивстават на илегалната израелска населба Авитар, која беше основана на врвот на планината Сбеих.

Заедницата бара отстранување на дивата населба, која ја сметаат за прекршување на нивните права на земјиштето.

Тензиите ескалираа низ окупираниот Западен Брег додека Израел го продолжува својот напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа речиси 40.900 Палестинци, главно жени и деца.

Оттогаш, според Министерството за здравство на Газа, во израелските напади на Западниот Брег загинале најмалку 691 лице, а повеќе од 5.700 се ранети.

AA
Популарни