Двајца Палестинци, меѓу кои и едно дете, загинаа во напад на израелски дрон во кампот во четвртокот наутро / Photo: Reuters

Израелската армија во четвртокот ја урна канцеларијата на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) во бегалскиот камп Нур Шамс во градот Тулкарем на северниот дел на Западниот Брег, изјави локален претставник.

„Израелските булдожери ја урнаа зградата, преку која агенцијата на ОН управува со секојдневните потреби на жителите“, изјави за Анадолу Нехад ал-Шавих, кој ја предводи локалната служба во кампот.

Тој рече дека зградата била делумно оштетена при претходните израелски напади, а денеска била целосно урната од израелските сили.

Уривањето дојде три дена откако израелскиот парламент- Кнесетот усвои закон во понеделникот со кој се забранува работата на УНРВА, што на крајот ќе влијае на нејзината работа во Газа, окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим.

Законот ќе стапи на сила за 90 дена.

Генералниот комесар на УНРВА Филип Лазарини ја нарече израелската забрана „без преседан и опасна“ и прекршување на Повелбата на ОН.

Според официјалната палестинска новинска агенција ВАФА, во кампот Нур Шамс има две училишта и еден здравствен центар управуван од УНРВА.

Во четвртокот рано наутро, двајца Палестинци, меѓу кои и едно дете, загинаа во напад на израелско беспилотно летало во кампот, соопшти Министерството за здравство.

Се зголемуваат тензиите низ Западниот Брег поради бруталната офанзива на Израел на Појасот Газа, во која загинаа повеќе од 43.100 луѓе, главно жени и деца, по нападот на Хамас минатата година.

Оттогаш, најмалку 766 Палестинци се убиени, а околу 6.300 се ранети во израелските напади на Западниот Брег, според палестинското Министерство за здравство.

AA
Популарни