Нема напредок во разговорите во однос на црвените линии поставени од премиерот Нетанјаху / Фото: AA

Израелската делегација која во средата пристигна во катарската престолнина Доха на преговори со високи очекувања за примирје во Газа, замина без да постигне никакви договори, пренесоа израелските медиуми.

Израелскиот преговарачки тим, составен од претставници на разузнавачката агенција Мосад, агенцијата за безбедност Шин Бет и војската, се вратил во Израел, извести Хаарец.

Весникот додава дека „досега нема напредок во разговорите во однос на црвените линии поставени од премиерот Бенјамин Нетанјаху, вклучително и прашањата за инспекциите на рутата Нецарим“, присуството на израелската Армија во Коридорот Филаделфи и управувањето со преминот Рафа.

САД, Катар и Египет со месеци се обидуваат да постигнат договор меѓу Израел и Хамас за размена на заложници и прекин на огнот и да дозволат во Газа да влезе хуманитарна помош.

Но, напорите за посредување се блокирани поради одбивањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас за запирање на војната.

Израел ја продолжува бруталната офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот.

Според локалните здравствени власти, нападот резултираше со над 40.600 убиени Палестинците, главно жени и деца, и над 93.800 повредени.

Тековната блокада на Газа од страна на Израел доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.

AA
Популарни