Израелската армија фрлила летоци во јужна Газа, вклучувајќи го и градот Рафах, советувајќи ги луѓето да не се движат на север и покрај примирјето / Photo: AA

Израелската армија пукаше врз Палестинците и кои ја искористија хуманитарната пауза и се обидоа да се вратат во северните делови на Појасот Газа во нивните домови. При тоа едно лице загина, а голем број се ранети.

Според очевидците, израелската армија пукала врз раселените Палестинци кои во придружба на новинари се обидувале од јужните делови на Појасот Газа да се вратат во градот Газа и северните подрачја.

Според информациите добиени од здравствените извори, како последица на отворениот оган од израелските војници едно лице загинало, а голем број се ранети, од кои повеќето во нозете.

Ранетите со возила на брза помош биле пренесени во болницата „Загинати херои на Акса“ во градот Дејр ал Балах.

Израелската војска во петокот ги предупреди Палестинците да не се враќаат во северните делови на Појасот Газа за време на хуманитарната пауза што стапи на сила рано утринава.

Армијата фрлила летоци во јужните делови на Газа, вклучувајќи го и градот Рафах, советувајќи ги луѓето да не се движат на север.

„Порака до жителите на Појасот Газа: војната се уште не е завршена, хуманитарната пауза е привремена, а северниот дел на Газа е воена зона“, се вели во летокот.

Исто така, беше појаснето дека движењето е дозволено само од север кон југ преку „Салахудин“ на источната страна на енклавата.

„Враќањето на север е забрането и опасно, вашата судбина и судбината на вашите семејства се во ваши раце“, се заклучува во израелскиот леток.

Бригадите Ал-Касам, вооруженото крило на Хамас, започнаа сеопфатен напад утрото на 7 октомври, со образложение дека тоа е „реакција на израелските континуирани прекршувања на правата на Палестинците и нивните свети вредности, особено на џамијата Ал Акса“, по што израелската војска почна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници.

Во нападите од 7 октомври досега во Израел загинале 1.200 Израелци, меѓу кои повеќе од 310 војници, а 5.132 лица се повредени.

Според информации од израелската армија, од 7 октомври досега 70 израелски војници ги загубиле животите во судирите во Газа, а шестмина на границата со Либан.

Израел објави дека во рацете на Бригадите Ал-Касам има 239 израелски заробеници.

Владата во Газа соопшти дека во израелските бомбардирања на Појасот Газа од 7 октомври досега се убиени 14.854 Палестинци, меѓу кои повеќе од 6.150 се деца, а над 4.000 се жени.

Договорот меѓу Израел и Хамас, кој обезбеди хуманитарна пауза во конфликтот, стапи на сила денес, петок, 24 ноември, во 6 часот по средноевропско време.

Според договорот, ќе има четиридневна хуманитарна пауза меѓу завојуваните страни.

Во замена за 50 израелски заробеници што ги држи Хамас ќе бидат ослободени 150 Палестинци од израелските затвори.

AA
Популарни