Израелската војска денес објави дека започнува нова „таргетирана“ воена операција во централниот дел на Газа.
Преку соопштение војската истакна дека пред израелските војници да почнат со упадот, израелски воени авиони и артилерија спровеле напади на периферијата на бегалскиот камп Нусејрат, тврдејќи дека цел била воената инфраструктура на палестинската група Хамас, меѓу која и ракетните фрлачи.
Се додава дека воената кампања ја спроведуваат армиската 162. дивизија, пешадиската бригада Нахал и други единици, со поддршка и на морнарицата.
Коментирајќи ја операцијата, министерот за финансии од крајната десница Безалел Смотрич рече дека израелската армија мора да ги интензивира воените операции во Нусејрат и во други делови од подрачјето на Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа, како и во јужниот град Рафа.
Неколку земји, меѓу кои и САД, го повикаа Израел да се откаже од плановите за воена офанзива во Рафа, каде што се засолнети речиси 1,4 милиони раселени Палестинци.
Израел започна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Од почетокот на израелските напади врз Газа загинаа околу 33.500 Палестинци.
Израел, исто така, воведе целосна блокада на приморската енклава, оставајќи го нејзиното население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.
Војната принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од инфраструктурата на енклавата е оштетен или уништен.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој го повика да стори повеќе за да спречи глад во Газа.