Во новиот извештај објавен во саботата, се открива дека израелски воен хеликоптер пукал врз вооружени палестинските напаѓачи, но притоа ранил Израелци кои биле на фестивалот во текот на нападот на Хамас на Израел на 7. октомври.
Весникот „Харец“ објави дека израелската безбедносна проценка се базира врз истрагата на полицијата на вооружените лица на Хамас приведени на 7. октомври.
Во веста на Харец се вели дека воен хеликоптер пристигнал на местото на одржување на фестивалот и пукал кон напаѓачите, но притоа ранил и неколку учесници на фестивалот.
Според проценката, напаѓачите немале претходни информации за фестивалот кој се одржа во близина на Кибуц Реим, недалеку од границата со Газа.
Израелскиот весник „Едиот ахронот“ исто така објави вест за интервенцијата на хеликоптерот на израелските воздухопловни сили во нападот на Хамас на 7. октомври.
Весникот во веста вели дека на израелските сили „им било тешко да ги идентификуваат милитантите на Хамас“, додавајќи дека пилотите на хеликоптерот „користеле артилерија“ кон цивилите на фестивалот.
„Терористите на Хамас добиле инструкции полека да се стопат со толпата и ни под какви било околности да не се поместуваат“, пишува „Едиот ахронот“.
На тој начин, како што се наведува во веста, се обиделе да ги измамат воздухопловните сили да поверуваат дека тие се Израелци.
„Оваа измама некое време функционирала, сѐ додека хеликоптерите Апачи не морале да се ослободат од сите ограничувања. На пилотите им било тешко да разликуваат кои се терористи, а кои Израелци“, се додава во веста.
Весникот пишува дека „кога го сфатиле тоа, некои од нив, одлучиле самостојно, без одобрение од надредените, да користат артилериски гранати против терористите“.
Полицијата процени дека на фестивалот се убиени 364 лица, но не го откри нивниот идентитет.
Детали од истрагата се во спротивност со службениот израелски наратив за нападот на палестинската група за отпор, кој тврдеше дека вооружени припадници на Хамас ги убиле луѓето на фестивалот.
По нападот на Хамас на 7. октомври, Израел започна да спроведува немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници, во кои досега животот го загубија над 12.300 Палестинци, од кои 5.000 се даца, а 3.300 се жени
Илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во израелските напади на опколената палестинска енклава.
Израел ги отфрли сите гласини за прекин на огнот сѐ додека не се ослободат заложниците што ги држи Хамас.