И покрај големата осуда на ваквите напади, група израелски лекари објавија соопштение во кое тврдат дека болницата Ал Шифа во опколената Газа е база за „вооружени палестински групи“ и повикаа на нејзино бомбардирање.
Според извештајот на израелскиот информативен сајт ХаМедаш, група израелски лекари, кои се нарекуваат Лекари за правата на израелските војници, потпишале изјава во која се залагаат за бомбардирање на болницата Ал Шифа, локација која веќе беше мета на напади во последните 72 часа.
Во изјавата, која беше поддржана од лекарите кои работат во здравствениот систем, се тврди дека бомбардирањето на болницата Ал Шифа од страна на израелската војска било „легитимно право“.
Исто така, се наведува дека најголемата болница во Газа, Ал Шифа служи како база за „палестинските вооружени групи“.
Претходно беше објавена слична декларација, со која се повикува на бомбардирање на болницата Ал Шифа, поддржана од 47 рабини со слични тврдења.
Според Министерството за здравство во Газа, 13 Палестинци загинаа, а 26 други беа повредени во петокот во израелски бомбашки напад, чија цел беа возилата на брза помош пред Ал Шифа.
Злосторство со најголема дрскост
Министерството соопшти дека возилата на брзата помош превезувале голем број повредени лица на лекување во Египет.
„ За движењето на амбулантните возила што ги превезуваа повредените во Египет, преку комуникациските канали го известивме Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Арапската Република Египет и целиот свет, но окупаторските сили го извршија злосторството со крајна дрскост“, додаваат од министерството.
Бомбардирањето во петокот наиде на голема осуда.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во саботата рече дека е „згрозен“ од нападот.
Тој на социјалната мрежа „Х“, напиша: „Сликите од расфрланите тела на улица надвор од болницата се потресни“.
Според правилата на војна, нападите врз цивилни објекти како што се болниците се забранети.
Израел тврди дека палестинската група Хамас се крие во или околу такви објекти.
Минатата недела израелската армија ги прошири своите воздушни и копнени напади врз Газа, која е на мета на немилосрдни воздушни напади од ненадејната офанзива на Хамас на 7 октомври.
Во конфликтот загинаа повеќе од 10.700 луѓе, меѓу кои најмалку 9.240 Палестинци и повеќе од 1.538 Израелци.