Израелски војници ја запреле телевизиската екипа на германскиот јавен сервис АРД по враќањето од снимањето на Западниот Брег и им се заканувале со оружје, објавија во понеделник германските медиуми.
Инцидентот се случил во неделата попладне откако ТВ-екипата на јавниот сервис Бајерише Рундфунк (БР), кој е задолжен за кореспонденцијата во Тел Авив, се враќала од снимање прилог во кој тема било насилството на израелските доселеници врз Палестинците.
Дописникот Јан-Кристоф Кицлер сведочи дека израелските војници јужно од градот Хеброн ги запреле и ги држеле еден час.
Во исто време, како што дополнително сведочи екипата, војниците се однесувале „екстремно агресивно“.
„Војниците ни се закануваа со оружје и не прашуваа дали сме Евреи. Една наша колешка беше наречен предавник“, рече Кицлер.
Ситуацијата се смирила дури по еден час, кога на контролниот пункт пристигнале и други војници и полицајци.
За БР ова е јасен напад врз слободата на медиумите.
„Ова е веќе втор ваков случај оваа недела. Нашата екипа јасно се претстави како акредитиран тим на новинари и тие беа далеку од безбедносните области каде што е забрането за новинарите“, рече Кицлер, додавајќи дека однесувањето на израелската армија е неприфатливо.
Портпаролот на израелската армија изјави дека во моментов се истражува позадината на овој инцидент и се извини за „секаква непријатност“.
Здружението на странски новинари во Израел ја повика израелската армија да ги почитува правата на новинарите, особено по инцидентите во кои беа вклучени новинари кои известуваа за напади од жителите на илегалните еврејски населби на Западниот брег на Јордан.