Израел започна копнена офанзива на Хан Јунис на 22 јануари / Photo: AA

Во опколената болница во Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газам, израелски снајперисти убија тројца Палестинци, соопшти денес палестинското Министерство за здравство.

„Синоќа се убиени три лица, а 10 се ранети од истрели на израелски снајперисти во медицинскиот комплекс Насер во Хан Јунис“, изјави портпаролот на Министерството за здравство на Палестина, Ашраф ал Кудра.

Доцна синоќа израелската војска им нареди на сите раселени Палестинци да ја напуштат болницата и им дозволи на медицинскиот персонал и на пациентите да останат.

Меѓутоа, според очевидците, израелската војска и понатаму пука во оние што се обидуваат да ја напуштат болницата.

Министерството за здравство во Газа вчера соопшти дека неколкумина Палестинци се убиени од израелската војска додека се обидувале да излезат од болницата Насер.

Израел започна копнена офанзива на Хан Јунис на 22 јануари. Оттогаш жителите на овој град бегаат пред интензивните израелски бомбардирања, оставајќи сѐ зад себе.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа се интерно раселени и се соочуваат со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекарства, а околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа се оштетени или уништени.

По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.

Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.

Од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 28.576 Палестинци, главно деца и жени, а ранети се повеќе од 68.291 лице, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200

AA
Популарни