Тврдењето на Голдберг-Полин не можеше да биде независно потврдено, а не е јасно кога е направено видеото / Photo: AFP

Палестинската група за отпор Хамас објави видео на кое се гледа израелски Американец, кој бил меѓу големемиот број војници и цивили заробени за време на нивниот ненадеен напад на 7 октомври врз израелските воени постројки и населби.

Видеото од средата на кое се гледа Херш Голдберг-Полин предизвика нови протести во Западен Ерусалим, повикувајќи ја крајнодесничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху да стори повеќе за да обезбеди ослободување на заробениците.

Во видеото, Голдберг-Полин ја обвини владата на Нетанјаху дека ги напуштила луѓето што ги држат палестинските борци во Газа.

„Бенјамин Нетанјаху треба да се срами од себе“.

Тој, исто така, тврди дека околу 70 заробеници биле убиени во израелското неселективно бомбардирање и инвазија на Газа од минатата година, во која загинаа најмалку 34.262 Палестинци - 70 отсто од нив бебиња, деца и жени - и ранети над 77.229 други.

Тврдењето на Голдберг-Полин не можеше да биде независно потврдено. Не беше јасно кога е направено видеото.

Голдберг-Полин (23) беше на музичкиот фестивал „Племето Нова“ кога борците на Хамас навлегоа во Израел и спроведоа повеќечасовен напад во кој беа убиени повеќе од 1.130 луѓе, вклучително и стотици израелски војници.

Палестинските борци, исто така, зеле повеќе од 250 заложници, а во моментов 130 остануваат во Газа, вклучително и 34 за кои израелската армија вели дека се мртви, а некои од нив се убиени во неселективни израелски напади.

Повеќето од останатите беа ослободени во ноември во замена за ослободување на 240 Палестинци затворени од Израел. Но Израел оттогаш зароби илјадници Палестинци.

Голдберг-Полин е еден од најпознатите заробеници. Постери со неговиот лик се закачени низ Израел. Неговата мајка Рејчел Голдберг се сретна со светските лидери и се обрати пред Обединетите нации.

Иако немаше датум на видеото, Голдберг-Полин се чини дека е снимен деновиве бидејќи се спомнува еднонеделниот еврејски празник Пасха, кој започна во понеделникот.

Неговите родители рекоа дека им олеснало кога го виделе жив, но биле загрижени за неговото здравје и благосостојба, како и за здравјето на другите заложници.

Семејствата на заложниците го обвинија Нетанјаху дека не направил доволно за да обезбеди ослободување на нивните роднини.

Откако видеото беше објавено во јавноста, стотици Израелци се собраа пред официјалната резиденција на Нетанјаху во Западен Ерусалим, повикувајќи ја крајнодесничарската влада да склучи договор за враќање на заложниците дома. Нетанјаху вети дека ќе користи воена инвазија за ослободување на заложниците, политика што многу експерти велат дека веќе не успеа.

Многумина држеа плакати на Голдберг-Полин, а некои од демонстрантите запалија картонски кутии.

„Вратете ги дома“, скандираше толпата.

Калил ал Хаја, висок функционер на Хамас, рече дека семејството на Голдберг-Полин побарало од посредниците да се распрашаат за неговата судбина од хуманитарни причини.

Неговото семејство „го бараше светот за каков било знак од него“, рече Ал Хаја во интервју за ТВ Ал-Акса, управувана од Хамас, емитувано во средата.

Вооруженото крило на Хамас „испрати силна порака објавувајќи ја пораката на овој млад човек упатена кон Нетанјаху“, рече Ал Хаја.

САД, Катар и Египет потрошија месеци обидувајќи се да постигнат нов прекин на огнот и ослободување на заложниците, но се чини дека разговорите се заглавени. Хамас соопшти дека нема да ги ослободи преостанатите заложници доколку Израел не ја прекине својата брутална војна.

TRT World
Популарни