Во средата, 99 членови на 120-члениот Кнесет гласаа за поддршка на владината одлука / Photo: Reuters

Израелскиот парламент (Кнесет) во средата гласаше за поддршка на одлуката на владата да го отфрли едностраното признавање на палестинската држава.

Во неделата, израелската влада одобри декларација со која се отфрла секое еднострано признавање на палестинска држава.

Во средата, 99 членови на 120-члениот Кнесет гласаа за поддршка на владината одлука, додека девет пратеници беа против.

„Не се сеќавам на многу гласови каде што Кнесетот гласаше со мнозинство од 99 од 120“, рече премиерот Бенјамин Нетанјаху по гласањето.

Тој посочи дека гласањето „испраќа јасна порака до меѓународната заедница“.

„Кнесетот е обединет против обидот да ни се диктира формирање на палестинска држава, диктат кој нема да донесе мир, туку и ќе ја загрози државата Израел“, додаде Нетанјаху.

Минатата недела Вашингтон пост објави дека САД и арапските земји го финализираат долгорочниот мировен план меѓу Израел и Палестинците, кој вклучува цврста временска рамка за формирање на палестинска држава.

Во израелските напади врз Појасот Газа од 7.октомври се убиени 29.313 Палестинци.

Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напад и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот, по тужбата поднесена од Јужноафриканска Република.

Според Обединетите нации, поради израелската офанзива 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.

AA
Популарни