Израелските сили за време на рацијата во кампот употребија вистински куршуми и солзавец, по што настана судир меѓу израелските војници и палестинските вооружени групи во подрачјето.     Фото: Ројтерс

Четворица Палестинци загинаа за време на рацијата на израелските сили во мигрантскиот камп во Џенин кој се наоѓа во северниот дел на окупираниот Западен Брег.

Израелските сили за време на рацијата во кампот употребија вистински куршуми и солзавец, по што настана судир меѓу израелските војници и палестинските вооружени групи во подрачјето.

Во писменото соопштение на палестинското Министерство за здравство се истакнува дека во судирот загинале 4 лица, меѓу кои 24-годишниот Исам Махмуд Езрики, 26-годишниот Изедин Салахат и една постара жена.

Во соопштението не е откриен идентитетот на останатите загинати, а се повредени 13 Палестинци, од кои тројца се во тешка состојба.

Се соопштува дека израелските војници не им дозволиле на амбулантните возила да влезат во подрачјето за пренесување на повредените и дека намерно фрлале солзавец во Државната болница во Џенин.

Палестинското Министерство упати апел до Меѓународната организација на Црвениот крст и Светската здравствена организација за одржување итен состанок со цел спречување на нападите.

Инаку, израелските сили во последниот период често вршат рации во различни подрачја во окупираниот Западен Брег и приведуваат Палестинци.

Израелските сили, покрај гумени куршуми, често користат и вистински куршуми во интервенција против Палестинците кои протестираат против овие рации. Меѓу израелските војници и палестинските групи се случуваат судири, особено во Џенин и Наблус.

Според податоците на Обединетите нации (ОН), во периодот од 2005 година досега, 2022 година била најкрвавата година на Западниот Брег.

Според палестинското Министерство за здравство, израелските сили за време на 2022 година убиле 220 Палестинци, меѓу кои 48 деца. Се истакнува дека 168 од овие Палестинци се убиени во окупираниот Западен Брег, додека 52 се убиени во Појасот Газа кој е под блокада.

Од почетокот на годината досега, израелските сили убиле вкупно 24 Палестинци, од кои 5 деца.

AA
Популарни