Израелските воени возила почнаа да се повлекуваат од болницата Ал-Шифа / Photo: AA

Израелската армија повлече дел од своите возила од Медицинскиот комплекс Ал-Шифа во градот Газа но остави неколку војници внатре, изјави синоќа извор од болницата за агенцијата Анадолу (АА).

Изворот, кој не сакал да го каже своето име од безбедносни причини, изјавил дека некои војници остануваат внатре во зградата, и тоа се совпаѓа со прекинот на пукотниците и претпазливата смиреност.

Тој истакна дека оние кои се во болницата не можат да ја напуштат поради тоа што израелските сили пукаат во се што се движи.

Израелската армија наводно уапсила голем број раселени лица, пациенти и нивните семејства, носејќи ги на непозната локација.

Изворот дополнително појасил дека израелското гранатирање било насочено кон еден од деловите на комплексот од југозапад во близина на породилиштето но не можеле прецизно да ја лоцираат целта поради тоа што не можеле да се движат.

Според изворот во комплексот имало околу 700 пациенти и ранети, 650 медицински персонал и 1.000 раселени лица.

Претходно во средата, медицински извор во болницата предупреди дека медицинските услуги целосно престанале, што ја зголеми загриженоста за непосредната смртна опасност за ранетите и пациентите.

Вчера израелската армија упадна во Медицинскиот комплекс Ал-Шифа, откако со денови го беше опколила.

Комплексот е домаќин на цивили кои се раселени од своите домови поради тековните израелски воздушни напади во областа.

AA
Популарни