Извештај откри „варварски и несовесен“ третман на мигрантите во САД / Photo: AA

Мигрантите во центрите за притвор на Американската служба за имиграција и царина (ICE) добиваат несовесна медицинска нега, и престојуваат во небезбедни и нехигиенски услови, а се соочуваат и со расистичка злоупотреба, се наведува во извештајот од Одделот за граѓански права и слободи на Министерството за домашна безбедност на САД.

Инспекторите, назначени од Одделот за граѓански права и слободи на Министерството за домашна безбедност за да ги истражат прекршувањата на човековите права во овие центри, подготвија извештај од 1.600 страници.

Извештајот, објавен од Националното радио (NPR), финансиран од јавни донации во САД, ги откри условите на оние што се чуваат во центрите Американската служба за имиграција и царина.

Инспекторите извршиле инспекција на повеќе од 24 притворни центри на Американската служба во 16 сојузни држави од 2017 до 2019 година.

Тие откриле „несовесна“ медицинска нега и грижа за менталното здравје, „небезбедни и нечисти“ услови, расистичка злоупотреба на затворениците, несоодветно прскање со солзавец по ментално болни затвореници и други проблеми што во одредени случаи предизвикале и смрт на затвореници.

Извештајот откри дека едно лице било оставено без завој, со отворена рана поради операција во центарот во Мичиген. Лицето во притвор немало никакви медицински прегледи.

Во извештајот се вели и дека приведениот не ја добил ниту најосновната нега за раната.

Во Џорџија, медицинска сестра игнорирала притвореник од Американската служба за имиграција кој итно побарал инхалатор затоа што боледувал од астма. И покрај тоа што никогаш не бил прегледан од медицинскиот персонал, медицинската сестра ставила белешка во медицинскиот картон дека бил прегледан.

И поранешниот американски претседател Доналд Трамп и администрацијата на Џо Бајден избегнуваат да го споделат извештајот, кој ги открива практиките против мигрантите повеќе од три години.

Националното радио, кое поднесе тужба според Законот за слобода на информации, дојде до извештајот по одлуката на федералниот судија.

TRT Balkan / агенции
Популарни