Правниот тим на американскиот претседател Џо Бајден откри дополнителни документи кои содржат доверливи информации, изјави вчера за Асошиејтед Прес (АП) лице запознаено со ова прашање.
Откритието доаѓа неколку дена откако адвокатот на претседателот рече дека правниците на Бајден откриле „мал број“ доверливи документи во неговата поранешна канцеларија во Вашингтон.
„Оваа недела Белата куќа потврди дека Министерството за правда прегледува „мал број доверливи документи“ пронајдени во канцеларијата. Адвокатите на Бајден ги откриле документите во канцелариите на Пен Бајден центарот, а потоа веднаш се јавиле во Националниот архив за откритието“, соопшти Белата куќа.
Бајден таму имаше канцеларија откако ја напушти потпретседателската функција во 2017 година, до непосредно пред да ја започне својата демократска претседателска кампања во 2019 година.
Лицето кое вчера разговараше за АП рече дека правниот тим на претседателот пронашол додатен доверлив материјал на друга локација.
Лицето не беше овластено јавно да зборува за детали на чувствителна тема и говореше под услов на анонимност. Лицето не рече кога и каде материјалите се пронајдени, ниту наведе конкретни детали за степенот на доверливост на документите.
Објавата дека адвокатите на Бајден откриле дополнителни доверливи документи дојде неколку часа откако портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер ги избегна прашањата за начинот на кој Бајден ракува со доверливите информации и управувањето со откритието од страна на Западното крило.