Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, изјави дека Тел Авив ќе прифати прекин на огнот во Либан само кога Хезболах ќе биде потиснат од границата северно од реката Литани и ќе биде разоружан, јавуваат денес израелските медиуми.
„Единствениот прифатлив начин Израел да се согласи на прекин на огнот е да го премести Хезболах северно од реката Литани и да го разоружи“, рече Кац во пораката до министрите за надворешни работи од 25 земји, цитирана од израелската јавна телевизија КАН.
Тој тврди дека целосното спроведување на сите резолуции на Советот за безбедност на ОН во врска со Либан „ќе доведе до прекин на огнот“.
„Сѐ додека не се случи тоа, Израел ќе продолжи со своите акции за да ја обезбеди безбедноста на своите граѓани и враќањето на жителите од северот во нивните домови“, додаде тој.
Немаше коментар од Хезболах за изјавите на Кац.
Израел со децении ги окупираше фармите Шеба во Либан, сириската Голанска Висорамнина и палестинскиот Западен Брег.
Израел од 23 септември започна масовни воздушни напади против, како што ги нарекува, цели на Хезболах низ Либан, при што се убиени повеќе од 900 луѓе, а повредени се над 2.700, објави либанското Министерство за здравство.
Во нападот беа убиени неколку команданти на Хезболах, вклучувајќи го и неговиот водач Хасан Насрала, кој беше убиен во петокот во воздушен напад во Бејрут.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Газа, во која се убиени речиси 41.600 луѓе, главно жени и деца, по прекуграничниот напад на Хамас минатиот 7 октомври.
Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади во Либан би можеле да го ескалираат тековниот конфликт во Газа во поширока регионална војна.