Кога Израел и Хамас извршија размена на затвореници за време на еднонеделното примирје во последната недела од ноември, светот во шок гледаше како дете по дете излегуваат од израелските затвори.
Меѓу 210-те Палестинци ослободени од Израел, сите деца и жени, беше и едно 14-годишно момче, најмладиот меѓу нив.
Големиот број деца меѓу ослободените Палестинци го вратија центарот на вниманието на една од најбруталните и незаконски практики на Израел на окупираните палестински територии.
Анализата на расположливите статистики и веродостојни извештаи открива шема на Израел во притворањето и кривичното гонење на неверојатен број малолетници во текот на децениите.
Од 1967 година, палестинските деца на окупираниот Западен Брег се предмет на израелскиот воен закон, што ги прави единствени малолетници во светот кои можат да бидат гонети пред воените судови.
Неверојатно, Израел е единствената земја која систематски користи воени судски системи за кривично гонење на децата.
Годишно, околу 500-700 палестински деца, некои на возраст од 12 години, завршуваат притворени и се соочуваат со кривично гонење во израелскиот воен судски систем.
Б'Тселем, израелска организација за човекови права, објави дека од септември израелската затворска служба држела во притвор 146 малолетни Палестинци од причини кои се класифицирани само како „безбедносни“.
Во 1991 година, групата за заштита на правата „Дифенс фор Чилдрен Интернешнел -Палестина (ДЦИП) почна со документирање на апсењата на палестинските деца од страна на израелската војска на окупираниот Западен Брег, вклучително и Источен Ерусалим и опколената Газа.
Според ДЦИП, во текот на изминатите две децении приближно 13.000 палестински деца доживеале притвор, испрашување, гонење и затворање во рамките на израелскиот воен систем.
Овие малолетници, претежно момчиња на возраст од 12-17 години, се под надлежност на израелскиот воен закон, кој смета дека поединците се кривично одговорни од 12-годишна возраст, спротивно на меѓународното право, кое секого помлад од 18 години го признава како дете.
Помеѓу 1 јануари 2016 година и 31 декември 2022 година, ДЦИП собра изјави дадени под заклетва од 766 деца затвореници приведени од израелските сили на окупираниот Западен Брег и гонети пред израелските воени судови.
„Ниту едно од 766-те палестински деца не пријавило дека израелските власти им дале налог за апсење во моментот кога биле уапсени“, според ДЦИП.
Само 111 од 766 деца (14,5 проценти) рекле дека потоа биле генерално информирани за причините за нивното апсење.
Податоците на ДЦИП нагласуваат дека три четвртини од децата доживеале некаков облик на физичко насилство по апсењето. Во 97 отсто од случаите, ниту еден родител не бил присутен на сослушувањето, а две третини не биле соодветно информирани за своите права. Израелските сили не ги информирале децата за причината за нивното апсење во 85,5 отсто од случаите.
Статистиката дополнително открива дека 80 отсто од децата биле соблекувани голи при претресите, на 42 отсто нје добиле соодветна храна и вода, додека на 31 отсто им бил забранет пристап до тоалет.
Палестина е окупирана од секој аспект
Во 1991 година, Израел ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за правата на детето (УНЦРЦ), обврзувајќи се дека ќе ги поддржува правата и заштитата наведени во договорот за сите деца во неговата јурисдикција. Ова вклучува давање приоритет на најдобриот интерес на детето при одлучувањето.
Меѓутоа, Израел ја отфрла применливоста на УНЦРС за неговата одговорност за децата на окупираните палестински територии.
Третманот на Израел кон децата во рамките на неговиот правен систем е нарушен со кршење на меѓународното право, вклучувајќи (прво) одржување на два посебни правни системи на една територија врз основа на националноста, (второ) притворање деца во воениот судски систем, (трето) скратување пристап до правна помош, (четврто) насилно пренесување на притвореници надвор од окупираната територија и (петто) извршување на злосторства против човештвото врз деца.
Прекршувањето на меѓународното право од страна на Израел започнува од самиот негов темел. Додека палестинските цивили се соочуваат со воено право, илегалните израелски доселеници кои живеат на иста територија се регулирани со граѓанско право, двојство што беше критикувано како пример за „режим на апартхејд“ од израелската организација за човекови права со седиште во Ерусалим, Б'Тселем.
Според Комитетот на Обединетите нации за правата на детето, „треба да се избегнува водењето на кривична постапка против децата во рамките на воениот правосуден систем“.
А сепак, секој израелски полицаец, безбедносен персонал или војник е овластен, без потреба од налог, да уапси секое дете во „административен притвор“ ако постои „причина за сомневање“ дека детето сторило прекршок, според израелските воени наредби.
Административниот притвор се потпира на тајни докази, држејќи го детето и неговиот адвокат во незнаење и ја попречува нивната способност да покренат жалба против притворот и неговите наводни правни причини.
Овие деца не се информирани за обвиненијата и затоа не можат да покажат докази за да се бранат. Судиите на воениот суд, обично офицери на израелската армија, можат да ги продолжат овие притвори до шест месеци со неограничено продолжување, што доведува до затвор на неопределено за децата и ќе им ги влоши нивните секојдневни маки во затворот.
Покрај тоа, Израел затвора деца за прекршоци како фрлање камења - специфично прекршување според Воениот налог 1651 и најчесто обвинение - со потенцијални казни до 20 години затвор.
Во друг случај, Израел насилно префрлил палестински деца во затвори во рамките на Израел, прекршувајќи го членот 76 од Четвртата Женевска конвенција. Овој член забранува присилен трансфер на заштитени лица од окупирана територија, вклучително и притвореници, надвор од таа територија.
Според податоците на израелската затворска служба, Израел префрлил над две третини од палестинските деца од окупираните територии. Како практична последица на ова, членовите на семејствата на децата не можат или не смеат да ги посетат во затвор.
Уште едно прекршување на законот се случува спротивно на член 5 од Универзалната декларација за човекови права, клучен документ за човековите права. Овој член го гарантира правото да се биде ослободен од тортура, сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.
А сепак, притворените деца пријавуваат злоупотреба од апсењето до ослободувањето, вклучително и врзување, врзување очи, вербална злоупотреба и заплашување.
Речиси две третини од децата (59 отсто) биле уапсени во текот на ноќта, при што 97 отсто имале врзани раце, а 89 отсто со врзани очи. Дополнително, повеќе од половина од нив наишле на вербална злоупотреба, понижување или заплашување за време или по нивното апсење.
Третманот на Израел кон притворените палестински деца беше засенет од неговите смртоносни напади врз цивили, што резултираше со околу 7.000 деца жртви во изминатите два месеци.
Додека некои палестински деца беа ослободени од затвор за време на договорот за размена на заложници минатиот месец, стотици други сè уште ја чекаат слободата.