Регионот погоден од земјотресите е дом на исклучително важни области кои биле населени од палеолитската ера / Photo: TRT World

Бистата на хетитскиот крал Шупилулиума со широко отворени очи беше сведок на земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала кој ја погоди јужна Туркије. Додека земјата се тресеше скулптурата стара 3.000 години стоеше на својот пиедестал во Археолошкиот музеј Хатај.

Во 11 провинции во Туркије и во соседна Сирија, светот се распадна. Градовите беа претворени во урнатини. Последната бројка говори за над 52.000 загинати во двете држави.

Но бистата ги преживеа двата силни земјотреси, ги преживеа земјотресите -близнаци. Иако тоа не беше случај со многу други артефакти и споменици од историско и археолошко значење.

Додека прашината се спушта над разурнатиот регион, експертите ја анализираат загубата и тргнуваат во обнова на оштетените артефакти и споменици.

„Регионот погоден од земјотресите е дом на исклучително важни области кои биле населени од палеолитската ера“, изјави Јахја Чоскун од Генералниот директорат за културно наследство и музеи на Туркије.

Ова значи дека човечката историја во регионот датира од 10.000 п.н.е., што го прави дом на различни цивилизации, историски места и огромна културна акумулација.

Првата позната џамија во Анадолија, џамијата Хабиб-и Некар, стара 14 века, беше меѓу некои незаменливи знаменитости што претрпеа големи оштетувања. Куполата, минарето и некои ѕидови на џамијата се урнаа.

Но, Чоскун верува дека загубите не се непоправливи и додава дека повеќето артефакти во музеите и археолошките локалитети не биле оштетени по земјотресите, вклучително и местата кои се дел од светското наследство под заштита на УНЕСКО.

Познат по своите колосални мегалити кои се најстари од нивниот вид, неолитското наоѓалиште во погодената Шанлиурфа не претрпе никакви оштетувања. Како и планината Немрут во Адијаман, на која има огромни хеленистички статуи на кралот Антиох Први Теос од Комаген и антички богови заедно со лавови и орли.

Тврдината Дијарбакир, позната по тоа што ги има вторите најдолги и најшироки одбранбени ѕидови во светот, од кои подолг е само Кинескиот ѕид и Могилата Арслантепе во Малатија позната по првите ископани мечови во светот, претрпеа помали оштетувања.

Според Чоскун, некои од 29 музеи во областа погодена од земјотресот претрпеа физички оштетувања, но ниту еден не се урна, а артефактите се во добра состојба. Археолошкиот музеј Хатај, кој е домаќин на најголемата изложба на мозаици во светот, претрпе делумно оштетување. Оттогаш се инсталирани камери на соларна енергија и има обезбедување за да се спречат можните кражби.

Афтершоковите, кои продолжуваат во опустошениот регион, како што вели Чоскун не предизвикале дополнителна штета на музејските артефакти бидејќи властите ги презеле неопходните мерки во првите денови.

„Во повеќето музеи, артефактите веднаш беа отстранувани од изложбите за да се складираат или беа префрлани во други музеи.

Брза реакција

Екипи на турското Министерство за култура беа распоредени во регионот веднаш по земјотресот за да започнат сеопфатни проценки на штетите и да ги обезбедат артефактите во случај на нови потреси.

„Нашите пријатели кои работат во регионот беа на должност од првиот момент. Многумина побрзаа во музеите без претходно да ги проверат своите домови“, рече Чоскун.

Министерот за култура, вработените и обезбедувањето ротираат на терен. Повеќе од 500 експерти од различни области во моментов се на терен, а проценката на штетите е во тек, иако прелиминарните операции беа завршени околу крајот на првата недела по земјотресите, според Чоскун.

Се формираат и научен одбор и советодавен комитет за обновување на регистрираното културно наследство, особено во Антакија, една од културно најбогатите области во Туркије, каде што се наоѓал античкиот хеленистички град Антиохија.

„Нашата цел е да го обновиме секој урнат споменик и да ги поправиме оштетените, под водство на научниот комитет“, додава Чоскун.

Комитетот се очекува да го сочинуваат академици и научници од различни универзитети и дисциплини и претставници на национални и меѓународни организации.

Повеќето артефакти во музеите и археолошките локалитети не биле оштетени по земјотресите, вклучително и местата кои се дел од светското наследство под заштита на УНЕСКО AA

Огромно искуство

Земјотресите погодија повеќе од 13,5 милиони луѓе во Туркије, потресувајќи ја областа што се простира на 99.362 квадратни километри - поголема од многу земји како Унгарија, Португалија или Австрија.

„Од првиот ден на земјотресите, катастрофата е наречена катастрофа на векот. Но, кога ќе го погледнеме, она низ кое минуваме ова е една од најголемите катастрофи доживеани во речиси две илјади години“, вели Чоскун.

Туркије, која се наоѓа на пресекот на евроазиските, африканските и арапските тектонски плочи, е меѓу сеизмички најактивните области во светот.

„Бидејќи турската музеологија многу години се спротивставува на природни катастрофи, нејзиното искуство е доста обемно. Културното наследство на земјата не претрпе големи загуби ниту во минатите катастрофи“, вели Чоскун.

Повеќето од неопходните мерки на претпазливост при катастрофи веќе беа во пракса години пред земјотресите на 6 февруари, а само уште неколку беа инкорпорирани во операциите потоа.

„Покрај тоа, имаме многу искусни и вешти реставратори. Нашите оштетени артефакти се обработуваат на најдобар можен начин“, нагласува Чоскун.

Подготвени за посетители

Неодамнешните мерки на претпазливост од земјотресот во турските музеи се фокусирани на реновирање. Во изминатите две децении, 163 музеи под Министерството за култура и туризам беа реновирани, со магацини опремени со паметни системи отпорни на катастрофи.

Се користеа и стабилизатори за постаменти на артефакти за да се спречи нивното поместување и да не предизвика паѓање на артефактите во случај на земјотрес. Артефактите изложени без постаменти беа обезбедени со стабилизатори.

„Овие мерки се практикуваат многу години, а сите недостатоци ќе се надополнат брзо. Старите згради исто така се реновираат и зајакнуваат“, вели Чоскун.

Покрај мерките на претпазливост, Министерството за култура го ажурираше својот акционен план за итни катастрофи во 2021 година, поставувајќи чекори како што се брзо стигнување до музеите, воспоставување безбедност и проценка на штетите.

Акцискиот план продолжува со проценки на штетите во локалитетите на светското наследство, археолошките локалитети, ископувањата и регистрираните културни добра.

„Во земјотресите на 6 февруари, генералниот директорат спроведе операции во согласност со акциониот план за вонредни состојби од првиот момент и планот беше успешно спроведен. Две недели по земјотресите, беа завршени напорите за чистење и реставрација во Музејот на Дијарбакир и археолошкиот музеј во Шанлиурфа. Многу други музеи во моментов се подготвени повторно да бидат отворени за посетителите.Сепак, со оглед на тешката атмосфера во регионот, како и континуираните последователни потреси, оценивме дека е потребно време за повторно отворање на овие музеи“, вели Чоскун.

TRT World
Популарни