Американската потпретседателка и кандидатка на демократската партија за претседател на САД Камала Харис предупреди за последиците од евентуалната победа на нејзиниот ривал Доналд Трамп.
„Мислам дека е многу важно да препознаеме, и тоа јавно го кажав, дека Доналд Трамп е несериозен човек и дека последиците од тој повторно да биде претседател на Соединетите Американски Држави се брутално сериозни“, им рече Харис на приврзаниците во Висконсин.
Таа додаде дека светот ги следи претседателските избори на 5 ноември, а сојузниците на САД се загрижени.
„Владимир Путин би седел во Киев доколку Доналд Трамп беше претседател“, подвлече Харис, додавајќи дека Трамп сака да му угоди на некој што го смета за силен човек и на кого му се восхитува.
Трамп минатата недела изјави дека има многу добри односи со Путин, но не откри дали разговарал со рускиот претседател откако тој ја напушти Белата куќа во 2021 година.