Камерманот на АА кој во Газа загуби 4 деца: Израел бомбардира сѐ / Photo: AA

Камерманот на Агенција Анадолу, Мохамед Алалул, кој во синоќешните израелски воздушни напади на Газа загуби 4 деца и три членови на семејството, изјави дека израелските сили ги бомбардираат сите места, вклучувајќи и населби и кампот Ал Магази во кој во потполност е уништен и неговиот дом, известува Анадолу.

Во истиот напад ранети се родителите, сопругата и уште едно дете на Алалул, кој работи како фриленсер репортер за Анадолу. Неговата сопруга е тешко ранета и префрлена е на лекување на интензивна нега.

Најмалку 51 лице се убиени во израелскиот воздушен напад на бегалскиот камп Ал Магази, а ранети се на десетици луѓе. Поголемиот број од настраданите се деца и жени.

Камерманот Алалул по пристигнувањето на местото на урнатините од неговиот дом рече дека бил на работа во Хан Јумис и кога дознал за нападот на кампот Ал Магази, имал претчувство дека е погодена токму неговата куќа.

„Ден претходно бев со моето семејство, со моите деца. Ми зборуваа да ја напуштам работата и да минувам повеќе време со нив. Дури едно од нив ми рече и него да го поведам на работа, да бидеме заедно“, рече Алалул.

Тој рече дека куќата во потполност му е уништена и дека во неа животот го загубиле неговите деца, браќа и сестри, и дека негови роднини и соседи сѐ уште се заробени под урнатините.

„Како што сите можат да видат, ова е населба во која исклучиво живеат цивили. Во овие куќи нема никакви воени елементи. Ова беше бегласки камп, убиени се деца додека спиеле. Моите деца. Израел бомбардира сѐ, сѐ по ред“, рече камерманот Алалул.

AA
Популарни