Кина во средата ги отфрли плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја „преземе“ Газа, велејќи дека Пекинг се противи на принудното раселување на Палестинците во соседните земји, објавија државните медиуми.
„Пекинг отсекогаш верувал дека основниот принцип на повоеното владеење во Газа е Палестинците да управуваат со Палестина“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан.
„Ние се спротивставуваме на принудното раселување и преселување на населението во Газа“, нагласи Лин, отфрлајќи ги контроверзните планови на Трамп за преземање на опколената палестинска енклава.
Изјавата од Пекинг дојде откако Трамп го објави планот САД да го „преземат“ Појасот Газа и „економски да го развијат по преселувањето на Палестинците во соседните земји“.
Трамп ова го изјави на заедничката прес-конференција во Вашингтон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„САД ќе го преземат Појасот Газа“, рече тој, додавајќи:
„Ќе го развиеме, ќе создадеме илјадници и илјадници работни места и тоа ќе биде нешто со што целиот Блиски Исток може да биде многу горд“.
Трамп не даде детали за тоа како САД ќе го спроведат планот за релокација.
Кинеското МНР, наспроти тоа, рече дека се надева оти сите релевантни страни ќе го видат прекинот на огнот во Газа и управувањето по војната како можност за враќање на палестинското прашање на вистинскиот пат за политичко решение засновано на „решението со две држави“ за постигнување траен мир на Блискиот Исток.