Клинтон: Меморијалниот центар Сребреница е потсетник за целиот свет / Photo: AA

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон по повод одбележувањето 20 години од отворањето на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари во Босна и Херцеговина изјави дека тоа е место на сеќавање и размислување и потсетник за целиот свет на, како што рече, заедничката човечност.

Клинтон во видеообраќањето вчера изрази благодарност до присутните за можноста да се придружи на одбележувањето на дваесетгодишнината на Меморијалниот центар Сребреница.

„Никогаш нема да го заборавам учеството во неговото отворање во 2003 година. Како што кажав тој ден, се надевав и се молев ова место да биде сериозен потсетник за целиот свет за нашата заедничка човечност, а во текот на овие дваесет години Меморијалниот центар е токму тоа и многу повеќе. Тоа е место на сеќавање и размислување, трајно оддавање почит на изгубените животи и свечено ветување дека мора да бидеме внимателни за никогаш повеќе да не се случат такви ужаси, ни во Босна и Херцеговина ни на кое било друго место“, рече Клинтон во своето видеообраќање до присутните.

Поранешниот американски претседател на денешен ден 2003 година го отвори Меморијалниот центар во Поточари, кај Сребреница, кога се погребани 107 жртви. Тој денес ја искористи можноста да им се заблагодари на сите што придонеле Меморијалниот центар да стане онаков каков што е денес.

„Додека се потсетуваме на повеќе од 8.000 мажи и момчиња убиени во геноцидот во Сребреница, најголема почит што може да им ја оддадеме е да изградиме иднина вредна за сеќавање на нив. Да ги надоместиме годините што не ги проживеаја во изградба на свет во кој сите деца се безбедни и сакани и имаат можност да ги остварат сопствените соништа, каде што победува соработката, а не судирот и каде што различните луѓе живеат заедно како вистински партнери. Сè уште верувам дека е можна таква иднина и секогаш ќе бидам покрај вас за да работиме заедно и тоа да го преточиме во реалност“, порача Клинтон.

Во поранешната производствена хала на фабриката за акумулатори се одбележува 20-годишнината од официјалното отворање на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, спомен-обележје и гробишта за жртвите од геноцидот во 1995 година.

AA
Популарни