Израел силно лобира за затворање на УНРВА бидејќи тоа е единствена агенција на ОН со посебен мандат да се грижи за палестинските бегалци / Photo: AA

Израелскиот Парламент (Кнесет) вчера во првото читање усвои три нацрт-закони за затворање на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) и нејзино прогласување за „терористичка организација“.

Првиот нацрт на законот ѝ забранува на УНРВА да извршува каква било мисија, да дава каква било услуга или да врши каква било активност на израелска територија. Нацрт-законот е усвоен со 58 гласа „за“ и девет „против“, објави весникот „Тајмс оф Израел“.

Во вториот нацрт-закон се одобруваат барањата за одземање на правните имунитети и привилегии на персоналот на УНРВА што му се нудат на персоналот на ОН во Израел.

Во третиот нацрт-закон се бара агенцијата на ОН да биде прогласена за терористичка организација и од Израел се бара да ги прекине врските со неа. Нацрт-законот беше усвоен со 50 гласа „за“ и 10 „против“.

Трите нацрт-закони сега ќе одат на понатамошно разгледување во Комитетот за надворешни работи и одбрана на Кнесетот. Ќе бидат потребни уште две читања за да станат ефективни.

Кнесетот во мај усвои прелиминарен предлог да се одобри закон со кој УНРВА се означува како терористичка организација.

Израел силно лобира за затворање на УНРВА бидејќи тоа е единствена агенција на ОН со посебен мандат да се грижи за основните потреби на палестинските бегалци.

УНРВА е основана со резолуција на ОН во 1949 година и има мандат да обезбедува помош и заштита на бегалците во пет подрачја на дејствување: Јордан, Сирија, Либан, Западниот Брег и Појасот Газа.

AA
Популарни