Михаил Горбачов во 1990 ја доби Нобеловата награда за мир     Фото: Reuters

Уважуван од Западот, дома обвинуван. Едни го величаат за крајот на Студената војна и повторното обединување на Германија, други го сметаат за главен виновник за распадот на СССР.

Нобеловец, критизер на НАТО и САД, но и учесник во реклами за американски брендови. Познат по „Гласност” и „Перестројка”. Реформатор со активна улога во јавниот живот и по политичката кариера. Кој е Михаил Горбачов, последниот претседател на Советскиот Сојуз кој почина вчера?

Најмлад член на Политбирото

Роден е на 2 март 1931 година во селото Приволно. Во 1955 година дипломирал на Правниот факултет на Московскиот универзитет „Ломоносов”. Три години претходно станал член на руската Комунистичка партија каде бил и генерален секретар.

Во 1971 веќе бил член на Централниот комитет, а во 1979 најмлад член на на Политбирото. Од 1985 до 1991 година бил претседател на Советскиот сојуз, односно до распадот на СССР.

„Гласност” и „Перестројка”

Горбачов има неспорен придонес за демократизација на општеството. Сепак антизападните позиции се дека неговите потези придонеле за јакнење на националистичките кругови во поранешните советски републики и неконтролираната желба за моќ кај одредени слоеви што потоа неминовно довело и до распад на СССР.

Преку „Гласност” дозволи поголема слобода на говор и критика на политичките врхушки, а со „Перестројка” направи реформа на економијата преку децентрализација на моќта на одлучувањето.

Михаил Горбачов во 1986 година во Рејкјавик се состана со тогашниот претседател на САД Ронал Реган. Разговараа за намалување на оружјето со среден дострел во Европа.

Договорите меѓу Реган и Горбачов една година подоцна за намалување на воените потенцијали и прекинување на непријателствата всушност го означија крајот на Студената војна, отстранувањето на Железната завеса и повторното обединување на Германија. Во 1990 година Горбачов ја доби Нобеловата награда за мир.

Други предизвици во кариерата

Михаил Горбачов бил избран за претседател во 1985 година, а веќе во 1986 се случи нуклеарната катастрофа во Чернобил. Според одредени кругови во Москва тоа го зацврстило на позицијата бидејќи уште еднаш се покажале недостатоците на системот за чии реформи тој се залагал.

Горбачов додека беше претседател на СССР исто така донесе одлука за повлекување на руските трупи од Авганистан.

Во 1996 година повторно се кандидираше на претседателските избори во Русија. Сепак против Борис Јелцин освои само 0,5 проценти од гласовите.

Критиките за САД и НАТО

Во едно од последните интервјуа за руската агенција „Интерфакс” Горбачов упати критики за САД и НАТО. Тој ги обвини САД дека станале арогантни по распадот на Советскиот Сојуз.

„Расположението на Запад беше триумфално, особено во САД. Станаа арогантни и самоуверени. Прогласија победа во Студената војна, а Вашингтон и Москва со заеднички сили го извлекоа светот од судири и трка за нуклеарно вооружување”, изјави Горбачов.

Горбачов немаше позитивен став за ширењето на НАТО на исток.

„Како во таква ситуација може да се разговара за рамноправен однос со САД и Вашингтон”, запраша тој.

Учесник во рекламни спотови

Горбачов се појави и во неколку рекламни кампањи за влез на странски брендови во неговата земја. Тој беше дел од рекламниот спот за американскиот бренд „Пица Хат”. Во спотот Горбачов минува низ Црвениот плоштад за да влезе во ресторан на познатиот американски бренд.

Исто така поранешниот претседател на Советскиот Сојуз ги рекламираше ташните на „Луј Витон”, седнат во автомобил и возејќи се низ Берлин.

Поранешниот претседател на Советскиот сојуз Михаил Горбачов почина во 92 година од животот.

„Вечерва по тешка и долга болест, почина Михаил Сергејевич Горбачов“, се наведува во вчерашното соопштение на московската Централна клиничка болница.

Популарни