Хезболах објави дека четворица негови членови, вклучувајќи го и теренскиот командант, се убиени во израелски воздушен напад во јужен Либан.
Хезболах соопшти дека е убиен Талиб Сами Абдула, еден од водечките луѓе на организацијата, како и Мухамед Хусеин Сабра, Али Селим Суфан и Хусеин Касим Хамид.
Според извештаите на локалните либански медиуми, Абдула е роден во 1969 година во селото Адшит на југот на Либан и бил еден од водечките команданти во јужниот регион.
Абдула и други членови на Хезболах беа убиени во израелски воздушен напад во текот на ноќта врз селото Џуваја, на околу 15 километри од границата.
Изворите го идентификуваа Абдула како командант на групата за централниот регион на јужниот граничен појас, кој вклучува некои од градовите најтешко погодени во последните осум месеци од престрелките меѓу Израел и Хезболах. Изворите, кои сакаа да останат анонимни, рекоа дека улогата на Абдула во Хезболах е исто толку значајна како и улогата на Висам Тавил, висок командант на Хезболах убиен во израелски напад во јануари.
Во вторникот Хезболах објави дека ќе изврши 10 операции против израелски воени цели и населби во близина на границите со Либан.
Израелската армија потврди дека биле истрелани 15 ракети кон Изрел, но дел биле пресретнати, а некои паднале на ненаселени области.
Тензиите се високи долж границата меѓу Либан и Израел во услови на повремена размена на оган меѓу израелските сили и Хезболах, во најсмртоносните судири откако двете страни водеа целосна војна во 2006 година.
Околу 300 борци на Хезболах, вклучувајќи команданти и клучни оперативци, се убиени во израелските напади врз Либан од почетокот на војната во Газа во октомври.