Израелската влада, како и израелската војска, дозволиле и охрабрувале шема на агресија од илегални доселеници насочени против палестинските заедници на окупираниот Западен Брег / Photo: AA

Меѓународната комисија поддржана од Обединетите нации во извештајот наведе дека израелските власти се одговорни за воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени за време на воените операции и напади во Појасот Газа од 7 октомври минатата година.

Независната меѓународна истражна комисија на ОН ги прогласи израелските власти одговорни за воените злосторства на гладување како метод на војување, убиства или намерно убивање, намерно таргетирање цивили и цивилни објекти, принудно раселување, сексуално насилство, тортура и нечовечко или сурово постапување, самоволно притворање и повреда на личното достоинство.

Комисијата утврди дека биле извршени и злосторства против човештвото за истребување, родово засновано прогонство насочено кон палестински мажи и момчиња, убиства и присилно раселување.

„Големиот број цивилни жртви и широкото уништување на цивилни згради и инфраструктура во Газа беа неизбежен резултат на стратегијата преземена со намера да се предизвика максимална штета, непочитувајќи ги принципите на пропорционалност и соодветни мерки на претпазливост“, се наведува во извештајот.

Исто така, беше наведено дека намерната употреба на тешко оружје со голем разурнувачки капацитет во густо населените области претставува намерен и директен напад врз цивилното население.

Што се однесува до изјавите на израелските власти, во извештајот се наведува дека нивната реторика довела до поттикнување и може да претставува други сериозни меѓународни злосторства, истакнувајќи дека директното и јавно поттикнување на геноцид е кривично дело според меѓународното право.

Комисијата ги оцени и наредбите за евакуација издадени од Израел, нарекувајќи ги недоволни, нејасни и контрадикторни и не дозволиле доволно време за безбедна евакуација.

„Понатаму, израелските сили постојано ги напаѓаа рутите за евакуација и областите означени како безбедни. Сето ова, утврди Комисијата, претставува принудно преместување“, се наведува во извештајот.

Понатаму се наведува дека Израел, исто така, наметнал целосна опсада, што претставува колективна казна против цивилното население, и дека израелските власти ја искористиле опсадата за да го контролираат снабдувањето со животни потреби, вклучително и употребата на вода, храна, електрична енергија, гориво и хуманитарна помош за стратешки и политички цели.

Се нагласува дека опсадата несразмерно ги погодила бремените жени и лицата со посебни потреби, со сериозни повреди на децата што резултира со смрт на деца од глад, вклучително и новороденчиња.

Во однос на актите на Западниот Брег, Комисијата утврди дека Израел извршил акти на сексуално насилство, тортура и нечовечко или сурово постапување и повреда на личното достоинство, од кои сите се воени злосторства.

Комисијата утврди дека израелската влада, како и израелската војска, дозволиле и охрабрувале шема на агресија од илегални доселеници насочени против палестинските заедници на окупираниот Западен Брег.

Порака на ОН до Израел: Стоп за нападите, спроведување на одлуките на МСП

Во своите препораки, комисијата го повика Израел да преземе итни мерки, вклучително и спроведување на прекин на огнот, ставање крај на блокадата на Газа, обезбедување на испорака на хуманитарни материјали и завршување на нападите врз цивилите и инфраструктурата.

Таа, исто така, го повика Израел целосно да ги исполни своите законски обврски утврдени со наредбите за привремени мерки на Меѓународниот суд на правдата (МСП) издадени на 26 јануари, 28 март и 24 мај и, особено, да и дозволи на Комисијата пристап до Газа за спроведување истраги.

Комисијата, исто така, препорача сите држави потписнички на Римскиот статут целосно да соработуваат со Меѓународниот кривичен суд.

„Израел мора веднаш да ги прекине воените операции и нападите во Газа, вклучително и нападот врз Рафах, кој ги чинеше животите на стотици цивили и повторно раселени стотици илјади луѓе на небезбедни локации без основни услуги и хуманитарна помош“, изјави претседателката на Комисијата Нави Пилај.

Порака на ОН до Хамас: Стоп за ракетните напади врз Израел, ослободете ги заложниците

Во врска со нападот на 7 октомври во Израел, Комисијата утврди дека военото крило на Хамас и уште шест палестински вооружени групи се одговорни за „воените злосторства на намерно таргетирање цивили, убиства или намерно убиства, мачење, нечовечко или сурово постапување, уништување или лишување имот на противникот, повреда на личното достоинство и земање заложници, вклучително и деца“.

Беше посочено дека „недискриминирачкото истрелување на илјадници проектили кон израелските градови, што резултираше со смрт и ранување на цивили, исто така претставува кршење на меѓународното хуманитарно право и законот за човекови права“.

Комисијата ги повика палестинските власти и де факто властите во Газа „веднаш да ги прекинат сите ракетни напади врз Израел, безусловно да ги ослободат сите заложници и темелно и непристрасно да ги истражат прекршувањата и да ги гонат одговорните за

злосторства, вклучително и оние извршени од 7 октомври од страна на членови на палестински недржавни вооружени групи во Израел“.

„Хамас и палестинските вооружени групи мора веднаш да ги запрат ракетните напади и да ги ослободат сите заложници. Земањето заложници е воено злосторство“, рече Пилај.

Истакнувајќи дека е императив сите сторители на злосторствата да бидат повикани на одговорност, таа рече дека единствениот начин да се запрат повторливите циклуси на насилство, вклучително и агресија и одмазда од двете страни, е да се обезбеди строго почитување на меѓународното право.

Извештајот на комисијата ќе биде претставен на 56. седница на Советот за човекови права на 19 јуни во Женева. Се заснова на интервјуа со жртви и сведоци спроведени од далечина и за време на мисијата во Република Туркије и Египет, со илјадници ставки со отворен код проверени преку напредна форензичка анализа, стотици поднесоци, сателитски снимки и форензички медицински извештаи.

„Израел ги попречи истрагите на Комисијата и го спречи нејзиниот пристап до Израел и окупираната палестинска територија“, се вели во извештајот.

AA
Популарни