Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, призна дека постоеле случаи кога бил прекршен декретот за мобилизација, откако минатата недела рускиот претседател Владимир Путин прогласи делумна мобилизација на 300.000 резервисти поради војната во Украина.     Фото: АА (Архива)

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, призна дека постоеле случаи кога бил прекршен декретот за мобилизација, откако минатата недела рускиот претседател Владимир Путин прогласи делумна мобилизација на 300.000 резервисти поради војната во Украина.

„Навистина, има случаи кога е прекршен декретот (на рускиот претседател Владимир Путин) за делумна мобилизација. Овие случаи на непочитување на потребните критериуми се елиминирани. Се надеваме дека сите грешки ќе бидат коригирани“, изјави Песков во Москва.

Портпаролот им се заблагодари на новинарите и на јавните организации за помошта во извлекувањето информации за прекршувањата во јавноста, додавајќи дека информациите се предочени на вниманието на раководството на регионите и Министерството за одбрана.

На прашањето дали Владата планира да ги затвори границите за мобилизираните луѓе, Песков рече: „Во моментот не се донесени одлуки.“

Тој повика на анализирање на информациите за мобилизацијата, објавени на интернет, нагласувајќи дека постојат многу лажни информации, проширени од „непријатели и домашни хистерии“.

Песков рече дека во случај украинските региони Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје да гласаат за да се припојат кон Русија, ќе има правна постапка пред нивното припојување.

Тој, исто така, вети дека ќе информира дали Путин треба да се обрати јавно во врска со резултатите од референдумите во Донбас.

Коментирајќи ја изјавата на советникот на САД за национална безбедност, Џејк Саливан, кој рече дека Вашингтон ја предупредил Русија за катастрофалните последици од употребата на нуклеарно оружје, Песков рече: „Го оставам ова без коментар.“

Во врска со контактите меѓу Русија и САД воопшто, тој рече дека тие имаат „спорадичен карактер“, кој само дозволува размена на „итни пораки за меѓусебни ставови“.

AA
Популарни