Кремљ: Вашингтон продолжува индиректно да се бори со Русија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ што Соединетите Американски Држави (САД) ќе ѝ ги испратат на Украина ќе бидат легитимна цел на руската војска.

Во обраќањето пред новинарите во главниот град Москва, Песков даде оцена за посетата на украинскиот претседател Владимир Зеленски на САД.

Одговарајќи на прашањето дали системите „Патриот“ што САД ќе ѝ ги испратат на Украина ќе бидат „легитимна цел“ на руската војска, Песков рече: „Да, секако, како и сето оружје што го користи украинската војска, бидејќи една од целите на специјалната воена операција е демилитаризација на Украина.“

Тој наведе дека зголемувањето на испораката на оружје за Украина не придонело за решавање на моменталната ситуација. „Соединетите Американски Држави продолжуваат да се борат против Русија, де факто и индиректно, сѐ додека не остане и последниот Украинец“, рече тој, коментирајќи ја посетата на Зеленски на Вашингтон.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера најави дека на Украина ќе ѝ се обезбеди воена помош од 1,85 милијарди долари, вклучувајќи ги и системите за противвоздушна одбрана „Патриот“.

TRT Balkan / агенции
Популарни