Куба ги обвини САД за соучесништво со Израел во злосторствата во Газа / Photo: AA

Во текот на сослушувањето пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), каде што се расправаше за правните последици од практиката на Израел на окупираните палестински територии, Куба ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) за соучесништво во израелските злосторства во Газа.

На расправата одржана во Хаг во името на Куба говореше заменик-министерката за надворешни работи Анајанси Родригез Камехо.

„Палестинскиот народ, жените и цивилното население како целина продолжуваат да бидат масакрирани во незаконската употреба на сила од страна на окупаторската сила Израел. Овие масакри се случуваат со соучесништво на земји како што се Соединетите Американски Држави, кои, според меѓународното право, се одговорни за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото“, порача Камехо.

Нагласувајќи дека израелската окупација на палестинските територии е нелегитимна според меѓународното право, Камехо додаде:

„Израелската политика, која не прави разлика меѓу цивили и борци, е продолжување на долгорочната окупација, тортура, принудно раселување, затворање и непочитување на граѓанските права наПалестинците“.

Таа додаде дека Израел со своите постапки во Палестина игнорирал многу резолуции и одредби усвоени од Генералното собрание на ОН, Советот за безбедност и Меѓународниот суд на правдата.

Камехо истакна дека САД, користејќи го правото на вето во Советот за безбедност на ОН, 47 пати ја спречиле меѓународната заедница во преземањето ефективни акции за Палестина.

TRT Balkan / агенции
Популарни