Сергеј Лавров, Министерот за надворешни работи на Русија, при посетата на Пјонгјанг, се осврна и на состојбата во Газа/ Фото: Reuters

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека иницијативата на Туркије за Појасот Газа е обид да се постигне деескалација и да се нормализира ситуацијата.

Говорејќи на прес-конференција во Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, Лавров рече дека Русија е отворена за какви било конструктивни предлози и би сакала да дознае повеќе за иницијативата од Анкара.

„За што точно се работи, би сакале да слушнеме повеќе од нашите турски пријатели, со кои сме во контакт, вклучително и за ова прашање“, посочи тој.

„Ние се залагаме дека секој пристап треба да се заснова на баланс на интересите на страните, а не на наметнување нечии интереси за сметка и повреда на други. Ми се чини дека турската иницијатива е диктирана од желбата да се обезбеди таков баланс. Ние ќе бидеме подготвени да соработуваме кога предлогот ќе се разгледува“, истакна Лавров.

Туркије продолжи со интензивните напори за смирување на ситуацијата во Газа, која беше влошена по ненадејниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, и израелскиот одговор во форма на немилосрдно бомбардирање и блокада на опколената палестинска енклава.

Анкара предложи систем на гаранции за израелско-палестинскиот конфликт за да се стави крај на насилството и да се постигне решение со формулата две држави.

Исто така, повика на итен хуманитарен прекин на огнот во Газа и прогласи тридневна национална жалост до сабота поради бројот на цивилни жртви.

Лавров рече дека постои „висок“ ризик актуелната криза да ескалира во конфликт ширум регионот.

Тој ги критикуваше САД дека ставиле вето на резолуцијата со која се бара прекин на огнот, што сега може да доведе до засилување на конфликтот.

„Сведоци сме на обиди повторно за сè да се „обвини“ Иран. Ова сметаме дека е прилична провокација. Иранското раководство зазема одговорна, избалансирана позиција и повикува да се спречи овој конфликт да се прошири во целиот регион, во соседните земји“, рече тој.

Запрашан за механизмите кои би можеле да го запрат крвопролевањето, Лавров рече дека одлуката на Советот за безбедност на ОН со повик до сите страни да ги прекинат непријателствата и да обезбедат можност за решавање на хуманитарните прашања може да послужи за оваа цел.

„Какви се изгледите? Претпоставувам дека консултациите со вклучените држави ќе продолжат. Египет ја презема иницијативата. Сите ние би сакале да видиме деескалација во Појасот Газа“, рече тој.

Министерот рече дека ќе има контакти во наредните денови кои ќе му овозможат да разбере колку е реално да се очекува прекин на огнот.

Руско-севернокорејски односи

Лавров рече дека разговарал со севернокорејските власти за прашања за обновување на политичките контакти на различни нивоа, за зајакнување на трговската и економската соработка.

Москва го поддржува Пјонгјанг за загриженоста за зголемената воена активност на САД, Јапонија и Јужна Кореја, како и линијата на Вашингтон за пренос на елементи од својата стратешка инфраструктура, вклучително и нуклеарна, во регионот.

Министерот го избегна директниот одговор за датумите на посета на рускиот претседател на Северна Кореја, велејќи дека рускиот и севернокорејскиот лидер се сретнале пред еден месец.

„Сигурен сум дека контактите ќе продолжат“, рече тој.

Одговарајќи на загриженоста на Јужна Кореја за можна ескалација, Лавров рече: „Сеул е еден од факторите што тука ја ескалира ситуацијата“.

„Веќе го спомнав формирањето на сојузот САД-Јужна Кореја-Јапонија за да се изгради воен потенцијал овде, вклучително и неговите нуклеарни компоненти. Ова создава тензии“, нагласи тој.

Лавров истакна дека Северна Кореја неколкупати иницирала мировни преговори, но сите обиди биле или прекинати или суспендирани од спротивната страна која продолжува да поставува неприфатливи услови, барајќи еднострани отстапки од Пјонгјанг.

„Русија и ДНРК (Демократска Народна Република Кореја), како и НР Кина (Народна Република Кина), се за дијалог и продолжување на преговорите без никакви предуслови. Мислам дека оваа линија ќе добие широка поддршка во Југоисточна Азија и регионот како целина“, рече тој.

Министерот рече дека ќе ја препорача Северна Кореја како туристичка дестинација.

AA
Популарни