Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Русија и Соединетите Американски Држави (САД) се договориле „еднаш засекогаш“ да ги решат прашањата во врска со нивните дипломатски мисии.
Во обраќањето по состанокот во саудискиот главен град Ријад, Лавров рече дека Москва и Вашингтон одлучиле да назначат амбасадори што е можно поскоро и да работат на елиминирање на пречките кои влијаат на функционирањето на нивните амбасади.
Билатералните разговори, насочени кон нормализирање на дипломатските операции, се фокусираа и кон ставање крај на војната во Украина и на истражувањето на идната соработка за геополитички и економски прашања.
Тој, исто така, рече дека САД наскоро ќе го објават својот претставник за разговорите за украинскиот конфликт, а потоа Русија ќе го стори истото тоа.
Лавров изрази надеж за редовни консултации меѓу Русија и САД за клучните прашања.
Разговорите, чиј домаќин беше Саудиска Арабија со цел поддршка на дипломатскиот дијалог, ја означуваат првата средба меѓу руските и американските високи претставници од почетокот на војната во Украина на 24 февруари 2022 година, пред речиси три години.
Руската делегација ја предводеше министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а во неа беа претседателските советници Јуриј Ушаков и Кирил Дмитриев и шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Државниот секретар Марко Рубио ја предводеше американската делегација, придружуван од советникот за национална безбедност, Мајк Валц, и од Стив Виткоф, специјалниот пратеник за Блискиот Исток.