САД не ги осудија нападите на Израел врз Либан, а Вашингтон во суштина го охрабрува својот блискоисточен сојузник да ја прошири зоната на воена акција, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Исклучително загрижувачки се и методите на политички убиства, кои повторно станаа речиси рутинска практика, како што се случи на 31 јули во Техеран и на 27 септември во Бејрут“, напиша Лавров во текстот со наслов „ОН повторно да станат центар за координација на акциите на народите“ објавен на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Шефот на руската дипломатија додаде дека откако Израел ја започна копнената инвазија на Либан на 1 октомври, американската администрација не упати ниту еден збор на осуда во врска со тој чин на агресија врз суверена држава.
Според него, на овој начин Вашингтон во суштина го охрабрува својот блискоисточен сојузник да ја прошири зоната на своите воени операции.
Лавров смета дека трагичниот и неприфатлив развој на настаните во арапско-израелскиот конфликт, во Либан, Јемен, на Црвеното Море и во Аденскиот Залив, во Судан и во другите жаришта во Африка, го одразува неоспорниот факт дека безбедноста може да биде иста и неделива за сите или воопшто нема да ја има за било кого.