Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД веројатно нема да го промени пристапот на Вашингтон кон украинската криза, бидејќи Вашингтон нема само така да ги напушти своите стратешки интереси таму.
„Фундаменталниот пристап на Вашингтон кон прашањата што се однесуваат на Украина, како и оние што се однесуваат на Европа, нема да се промени, бидејќи Вашингтон секогаш ќе се стреми да контролира сè што се случува во орбитата на НАТО, особено на територијата на НАТО“, рече Лавров во интервјуто за ТВ каналот Рускија 1.
Покрај тоа, додаде тој, границите меѓу ЕУ и НАТО стануваат „замаглени и воено и политички“.
„Како ќе ја вршат оваа контрола може само да се претпоставува, не е мое да шпекулирам, но има различни опции. Но не е спорно дека тие ќе сакаат да ги задржат овие процеси под своја контрола“, додаде тој.
За време на предизборната кампања Трамп изјави дека ако се врати во Белата куќа, ќе го реши украинскиот конфликт уште пред да ја преземе функцијата, без да ги прецизира деталите од неговиот мировен план.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно ги изјави условите за решавање на ситуацијата во Украина, кои вклучуваат повлекување на украинските војници од Донбас и Новоросија и откажување од плановите за влез во НАТО.
Москва, исто така, смета дека мора да се отстранат сите западни санкции против Русија и да се гарантира вонблоковски и ненуклеарен статус на Украина, потсетува ТАСС.