Тој потсети дека Либан е домаќин на стотици илјади палестински бегалци од 1948 година / Photo: AA

Привремениот либански премиер Наџиб Микати денес повика да се стави крај на тековната израелска војна во Појасот Газа, јавува Анадолу.

„Загрижени сме за тековниот геноцид врз Палестинците, имено во Газа, врз основа на нашиот арапски идентитет и национални и хуманитарни размислувања“, рече Микати на настанот во главниот град Бејрут.

Тој потсети дека Либан е домаќин на стотици илјади палестински бегалци од 1948 година.

„Нашиот избор во Либан беше и сè уште е мир; нашата култура е култура на мир заснована врз правдата и меѓународните закони“, рече Микати.

„Нашиот народ нема да ги прифати нападите врз неговиот суверенитет, национално достоинство и територијален интегритет, како и врз цивилите, особено децата и жените“, рече тој.

Либанскиот премиер рече дека клуч за мир е решавањето на палестинската кауза.

„Суштина на мирот e палестинскиот народ да живее на својата земја во рамките на слободна и независна држава“, рече тој.

„Токму во Палестина започнува историјата на овој регион“, продолжи тој.

„Ниту еден мировен договор не може да опстане доколку не го гарантира правото за враќање на Палестинците“, нагласи Микати.

Микати ги обнови своите јавни повици за одржување на смиреност и воздржаност по должината на границата на Либан со Израел, плашејќи се дека „деструктивната војна во Газа“ може да се прошири во Јужен Либан и пошироко.

Во август 2006 година Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 1701, повикувајќи на прекин на непријателствата меѓу Израел и либанската група Хезболах.

Резолуцијата имаше цел да воспостави демилитаризирана зона помеѓу Сината линија (границата) и реката Литани во Јужен Либан, исклучувајќи ги само либанската армија и мировните сили УНИФИЛ.

Тензиите по должината на границата на Либан со Израел се зголемија поради прекуграничните напади меѓу Хезболах и израелските сили додека Тел Авив продолжува со својата смртоносна офанзива врз Појасот Газа, во која загинаа повеќе од 37.900 луѓе од 7 октомври минатата година досега.

AA
Популарни