Либан пријави 129 прекршувања на прекин на огнот откако стапи на сила договорот минатата недела / Photo: AA

Израелската армија во текот на вчерашниот ден уште 12 пати го прекрши прекинот на огнот меѓу Израел и Либан што стапи на сила минатата недела, објави државната либанска Национална новинска агенција.

Се наведува дека израелско прекршување на огнот било регистрирано во областите Тир, Марџајун и Бент Џбеил во Јужен Либан, како и во Бејрут.

Прекршувањата вклучуваат уништување домови, артилериско гранатирање, прелети на воени авиони над либанска територија, пукотници и упади.

Израелско беспилотно летало погоди возило во градот Маџдалзун во областа Тир, а израелската артилерија ја гранатираше рамнината Марџајун најмалку трипати во текот на претходниот ден, според новинската агенција.

Израелски митралези отворија оган кон населбите во градот Бент Џбеил. Според новинската агенција, израелската армија уништила домови во градот Хијам и извршила артилериско гранатирање на Кфаркела.

Израелски воени авиони, исто така, се видени како прелетуваат над главниот град Бејрут и над јужните области на мала височина, според репортерот на Анадолу.

Либан пријави 129 прекршувања на прекин на огнот откако стапи на сила договорот минатата недела, со надеж дека ќе се стави крај на 14-месечните борби меѓу израелската армија и Хезболах.

Според статистиката на Анадолу врз основа на податоците на Министерството за здравство, најмалку 14 лица загинаа, а 13 се повредени во израелските напади од минатата недела.

TRT Balkan / агенции
Популарни