Неколку членови на мировните сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) се ранети денеска во израелски напад во кој загинаа тројца цивили во близина на нивното возило, на влезот во либанскиот град Сидон, јави официјалната либанска национална новинска агенција.
Се додава дека возилата на мировните сили на УНИФИЛ биле во истата коловозна лента за време на нападот, што довело до повредени меѓу припадниците на силите, на кои на лице место им била укажана лекарска помош.
„Непријателскиот Израел пукаше во автомобил додека минуваше низ контролниот пункт Авали во Сидон, што доведе до убиство на тројца граѓани кои се наоѓаа во него, покрај тоа што беа ранети тројца војници на контролниот пункт и четворица членови на малезискиот контингент во мировните сили УНИФИЛ“, се вели во соопштението на либанската армија.
УНИФИЛ потврди дека во напад со дрон биле полесно повредени петмина мировници на им била укажана помош од либанскиот Црвен крст. Повредените припадници на УНИФИЛ биле во конвојот со кој се превезувале нови мировници, кои се транспортирани на своите позиции.
„Ги потсетуваме сите актери во конфликтот на нивната обврска да избегнуваат акции што ги доведуваат мировниците или цивилите во опасност. Разликите треба да се решаваат на преговарачка маса, а не со насилство“, стои во соопштението на УНИФИЛ.
Либанската армија, исто така, потврди дека тројца нејзини војници на блискиот контролен пункт се повредени.
Кон крајот на октомври, осум австриски членови на УНИФИЛ беа повредени во напад за кој се верува дека го изврши Хезболах, додека израелските сили извршија повеќе напади врз мировниците во неколку бази на југот од Либан.