Водачот на Хамас во егзил Калед Мешал денеска изјави дека групата ќе се издигне „како феникс од пепелта“ и покрај големите загуби што ги претрпе за време на едногодишната војна со Израел и дека продолжува да регрутира борци и произведуваат оружје.
Мешал рече дека конфликтот со Израел трае веќе 76 години, кој датира од она што Палестинците го нарекуваат „Накба“ или „катастрофа“, кога многу Палестинци беа раселени за време на војната во 1948 година што доведе до создавање на Израел.
„Историјата на Палестина е составена од циклуси. Поминуваме низ фази кога губиме маченици и дел од нашите воени способности, но потоа палестинскиот дух повторно се крева, како феникс, благодарение на Бога“, изјави Мешал за Ројтерс.
Мешал преживеа обид за атентат во 1997 година, откако му беше вбризган отров додека беше генерален лидер на Хамас од 1996 до 2017 година. На негово место дојде Исмаил Ханије, кој беше убиен во Техеран на 31 јули годинава.
Мешал рече дека Хамас сè уште може да се бори против израелските војници.
„Изгубивме дел од нашата муниција и оружје, но Хамас продолжува да регрутира млади луѓе и продолжува да произведува значителен дел од своето оружје и муниција“, рече Мешал, без да даде детали.
Тој рече дека не гледа шанса за мир се додека на власт во Израел е владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Се додека има (израелска) окупација, регионот е темпирана бомба“, рече Мешал.
Мешал е еден од шесте лидери на Хамас обвинети од американското Министерство за правда за тероризам за нападот врз Израел на 7 октомври минатата година.
Освен Мешал, обвинети се сегашниот лидер на Хамас Јахја Синвар, убиениотХаније, како и Мухамед ал-Масри, Марван Иса и Али Барака, кои се товарат освен за тероризам и за заговор за употреба на оружје за масовно уништување и заговор за убиство на американски државјани надвор од САД.