Лидерите на НАТО ќе се состанат на Самитот во Вилнус / Photo: AA

Лидерите на НАТО денес ќе се состанат во Вилнус, главниот град на Литванија, за да разговараат за широк спектар на прашања, вклучително и војната во Украина.

Во фокусот на Самитот се најитните предизвици на Алијансата, договорот за чекорите за понатамошно јакнење на одвраќањето и одбраната на НАТО и приближувањето на Украина кон Алијансата.

„Одлуките што ќе ги донесеме во Вилнус ќе ја приближат Украина до НАТО... Јакнењето на одвраќањето и одбраната на НАТО, исто така, ќе бидат на дневен ред на нашиот Самит“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Сојузниците ќе преземат големи чекори кон воспоставување на три нови регионални одбранбени плана, со цел да им се спротивстават на двете главни закани на НАТО, Русија и тероризмот.

Пристапувањето на Шведска во НАТО по Финска е една од главните точки на дневниот ред. Како што најави Столтенберг еден ден пред Самитот, Туркије се согласи да го прати шведскиот Протокол за пристапување во НАТО во Парламентот по трилатералниот состанок на кој учествувале тој, претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, и премиерот на Шведска, Улф Кристерсон.

„Драго ми е што можам да објавам дека претседателот Ердоган се согласи Протоколот за пристапување на Шведска да го проследи до Големото народно собрание на Туркије колку што е можно поскоро и дека блиску соработува со Собранието за да се осигури ратификацијата“, рече Столтенберг на брифингот за новинарите во Вилнус.

Тој рече дека Шведска со согласила, како членка на Европската Унија (ЕУ), исто така, активно да ги поддржи напорите за заживување на процесот за вклучување на Туркије во ЕУ, како и да помогне во модернизацијата на Царинската унија ЕУ - Туркије и либерализацијата на визниот режим.

Минатата недела Унгарија, која исто така не го ратификуваше пристапувањето на Шведска, рече дека ќе ја поддржи одлуката на Туркије за кандидатурата на Шведска за вклучување во НАТО.

Во среда ќе се одржи состанок на ниво на шефови на држави и влади на Советот на НАТО-Украина.

Што се однесува до состанокот, Столтенберг претходно рече дека очекува лидерите да се согласат за пакет од три елементи за приближување на Украина кон НАТО. Меѓутоа, шефот на НАТО честопати нагласуваше дека Украина нема да пристапи во Алијансата сѐ додека трае војната со Русија.

TRT Balkan / агенции
Популарни