Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, денес потврди дека постигнувањето договор за примирје со Израел е „блиску“.
„Движењето го достави својот одговор до браќата во Катар и медијаторите и се приближуваме до договор за примирје“, истакна Ханије преку Телеграм без да даде дополнителни детали.
Вреди да се напомене дека неколку роднини на израелските заложници, кои ги држеше Хамас, синоќа го напуштија состанокот со членовите на израелската Влада.
Израелскиот весник „Хаарец“ објави дека „многу роднини на Израелците, кои Хамас ги држеше како заложници во Газа, вчера се повлекоа од состанокот со членовите на воената Влада, изразувајќи разочарување кога им беше кажано дека целите за ослободување на заложниците и соборувањето на Хамас се подеднакво важни“.
Откако Израел почна да ја бомбардира Газа по ненадејниот напад на 7 октомври од страна на палестинската група Хамас, загинаа најмалку 13.000 Палестинци, од кои над 9.000 жени и деца, а повеќе од 30.000 се повредени, според последните податоци на палестинските власти.
Илјадници згради, меѓу кои и болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во немилосрдните воздушни и копнени напади на Израел врз опколената енклава.
Израелската блокада ја лиши Газа од снабдување со гориво, електрична енергија и вода и ја намали испораката на хуманитарна помош.
Според официјални податоци, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.
Досега Тел Авив ги отфрлаше зголемените повици за прекин на огнот до ослободување на заложниците што ги држи Хамас.