Шефот на палестинската група Хамас, Исмаил Ханије денеска пристигна во Техеран на разговори со иранските власти за бруталните израелски напади врз блокираниот Појас Газа.
Посетата на Ханије на Иран дојде еден ден откако Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Појасот Газа во текот на месецот Рамазан, ослободување на затворениците и проток на хуманитарна помош во блокираната енклава.
Хамас ја поздрави оваа резолуција, а Израел го отфрли повикот за прекин на огнот и најави дека ќе продолжи со војната во Појасот Газа.
На заедничката прес-конференција со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, политичкиот лидер на Хамас Ханије рече дека резолуцијата на ОН ја покажува „невидена изолација на Израел“.
Лидерот на Хамас истакна дека резолуцијата на ОН има недостатоци, но дека е доказ за цврстиот отпор на Палестина.
„Израел не успеа да ги постигне своите воени цели во опколениот Појас Газа и покрај големите трошоци и сега ја губи политичката и меѓународната поддршка“, нагласи Ханије.
Тој го пофали палестинскиот отпор против „злосторствата и геноцидот“ што Израел ги врши во Појасот Газа од 7 октомври минатата година.
Ханије, исто така, му се заблагодари на Иран за поддршката на палестинскиот народ, додавајќи дека Палестина минува низ критична фаза, пресвртна точка во нејзината борба против израелската окупација.
Ова е прва посета на Ханије на Иран од ноември минатата година, кога разговараше со високи ирански претставници, меѓу кои и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.