„Нашата работа е далеку од завршена“, порача Чејни повлекувајќи се од трката за Конгресот     Фото:

Елизабет Лин Чејни, една од главните противнички на Доналд Трамп, се соочи со пораз на партиските избори во сојузната американска држава Вајоминг, каде гласачите се определија за кандидатка која и натаму е лојална на поранешниот претседател на САД.

Популарната Лиз, инаку ќерка на Дик Чејни поранешниот потпретседател на САД, го загуби местото во Конгресот, за кое сега ќе се натпреварува Хариет Хејгеман. Ова е еден од најтешките моменти за групата на републиканци кои гласно беа против Трамп во изминатите месеци.

„Нашата работа е далеку од завршена“, порача Чејни која беше дел и од Комитетот за расветлување на настаните од 6 јануари во рамки на Конгресот на САД.

Со овој пораз, гласачкото тело на Републиканската партија покажува дека се согласува во голема мера со ставовите на Трамп кој тврди дека изборите во 2020 биле „украдени“ иако државните органи тоа го негираа и овозможија Џо Бајден да стапи на функцијата во Белата куќа.

Од друга страна пак, Хеjгеман која стои цврсто зад Трамп не штедеше пофални зборови за екс претседателот, како и за поддршката која и ја пружи во текот на прелиминарните избори.

„Очигледно, сите сме му многу благодарни на претседателот Трамп, кој добро посочи дека Вајоминг има само еден конгресен претставник и ние мораме да направиме се што можеме за тој да значи нешто“, изјави Хејгеман пред нејзините поддржувачи.

Трамп не чекаше долго за да „ликува“ по поразот на неговата гласна критичарка Лиз Чејни која ја прозва преку неговата платформа на социјалните мрежи.

„Лиз Чејни треба да се засрами, од начинот на кој постапуваше и од нејзините злобни, надмени зборови и постапки кон другите. Сега таа конечно може да исчезне во длабочините на политичкиот заборав каде, сигурен сум, ќе биде многу посреќна отколку што е сега. Ви благодариме Вајоминг!“, објави Трамп.

По завршувањето на прелиминарните избори и одредувањето на кандидатите меѓу републиканците и демократите, се очекува силна битка за Конгресот на САД на среднорочните избори закажани за ноември.

Трамп иако се соочи со постапки за импичмент, и голем дел од неговите поранешни соработници се оградија од неговите потези и упадот на Капитол хил, се уште добива висока поддршка од гласачите на Републиканската партија.

Во повеќе сојузни држави „неговите“ кандидати, тие кои споделуваат слични ставови со него, успеваат да ги поразат нивните сопартијци, што јасно оцртува какво соочување ќе има во ноември на конгресните избори.

TRT Balkan / агенции
Популарни