Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во понеделник пристигна во главниот град на Украина Киев.
„Се враќам во Украина по четврти пат како секретар за одбрана, демонстрирајќи дека САД, заедно со меѓународната заедница, продолжуваат да стојат покрај Украина“, рече Остин на X.
Тој сподели и фотографија од неговото пристигнување во Киев, каде што беше пречекан од американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк.
Во соопштението на американското Министерство за одбрана се вели дека Остин пристигнал во Украина за да се сретне со украинските лидери и „да ја повтори поддршката на САД за борбата за слобода на Украина“.
„За време на неговиот ангажман, секретарот ќе се сретне со украинското раководство и ќе ја нагласи посветеноста на САД да и обезбеди на Украина безбедносна помош што и е потребна за да се одбрани од руската агресија на бојното поле“, се вели понатаму.
Во соопштението се додава дека Остин на крајот на посетата ќе одржи говор, во кој ќе ги нагласи одбранбените напори на Украина во тековниот конфликт во земјата.