Макрон и Шолц: Европско единство и соработка со САД по победата на Трамп

Макрон и Шолц: Европско единство и соработка со САД по победата на Трамп

Францускиот претседател и германскиот канцелар телефонски разговарале по претседателските ибори во САД
Доналд Трамп на претседателските избори ја победи Камала Харис и ја врати Белата куќа за Републиканската партија / Photo: AA

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц ветија дека ќе го зајакнат европското единство и солидарност во пресрет на предвидената победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

На Твитер, Макрон објави дека тој и Шолц денеска телефонски разговарале за изборните резултати.

„Ќе работиме за пообединета, посилна, посуверена Европа во овој нов контекст. Со соработка со Соединетите Американски Држави и бранење на нашите интереси и вредности“, објави Макрон.

Германскиот канцелар Шолц рече дека европските лидери ќе разговараат за исходот од изборите во САД и иднината на трансатлантските односи на состанокот во Будимпешта утре.

„Во последниве години, сите европски земји презедоа поголема одговорност за безбедноста на нашиот континент, за поддршката на Украина, за независноста на Европа во економските и енергетските прашања. Тоа се и ќе останат прашања во кои ние како Европејци имаме заеднички интереси со Соединетите држави“, им рече тој на новинарите во Берлин.

Во неговиот прв мандат како претседател, во 2017-2021 година, Трамп јавно ги критикуваше европските сојузници дека не го делат финансискиот товар на НАТО, туку го префрлаат товарот врз американските даночни обврзници и се закани дека ќе ги повлече американските трупи од Европа. Трамп и неговата Републиканска партија многу помалку ја поддржуваа Украина во борбата против воената агресија на Русија.

Шолц ги призна политичките разлики со Трамп за голем број прашања, но нагласи дека ќе разговараат со претстојната администрација во наредните недели за да ги премостат разликите и да ги усогласат позициите.

„Германија останува сигурен трансатлантски партнер. Германија и САД споделуваат партнерство и пријателство кое растеше со децении. Веруваме дека ни е подобро заедно. Можеме да постигнеме многу повеќе работејќи заедно отколку еден против друг“, нагласи тој, додавајќи дека Германија ќе продолжи да ја презема одговорноста, да дава силен придонес во трансатлантското партнерство.

Доналд Трамп обезбеди одлучувачка победа на претседателските избори во САД во 2024 година, победувајќи ја потпретседателката Камала Харис и ја врати Белата куќа за Републиканската партија.

Според дел од медиумите Трамп надмина 270 електорски гласови потребни за победа на претседателските избори.

„Ова е величествена победа за американскиот народ што ќе ни овозможи повторно да ја направиме Америка голема“, рече Трамп во говорот пред поддржувачите во Палм Бич, Флорида.

TRT Balkan / агенции
Популарни