Според Макрон, Трамп во однос на трговскиот дефицит што го има САД го игнорира значајното трошење на Европа за дигитални услуги, кое често е исклучено од таквите пресметки / Photo: Reuters

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европа е сојузник на Соединетите Американски Држави и дека ако САД сакаат Европа да биде ангажирана во поголеми инвестиции, безбедност и одбрана, не би требало да им наштети на европските економии заканувајќи им се со царини.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека планира денеска да објави царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД.

„Моето прво прашање до САД е: Дали Европската Унија е вашиот прв проблем? Не, не мислам така. Вашиот прв проблем е Кина. Второ, Европа е сојузник за вас. Ако сакате Европа да биде ангажирана во поголеми инвестиции и безбедност и одбрана... не треба да им наштетите на европските економии заканувајќи им се со царини“, рече францускиот претседател.

Трамп го критикуваше трговскиот дефицит на САД со Европската унија, кој се зголеми за 26,9 милијарди долари на 235,6 милијарди долари во 2024 година, според податоците на американската влада.

Макрон се спротивстави на изјавата на Трамп, тврдејќи дека трговскиот дефицит го игнорира значајното трошење на Европа за дигитални услуги, кое често е исклучено од таквите пресметки.

„Франција ќе ја повика Европската унија да одговори на најновите царини објавени од американскиот претседател Доналд Трамп“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

Тој рече дека дека Франција и нејзините европски партнери не треба да се колебаат да ги бранат своите интереси пред заканите од американските царини.

За време на неговиот прв мандат, Трамп воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум од Канада, Мексико и ЕУ, но една година подоцна беше постигнат договор со Канада и Мексико за укинување на овие тарифи, додека даноците на увозот од ЕУ останаа на сила до 2021 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни