Според официјалните податоци на израелската војска, загинале 689 војници, а 4.252 се повредени / Photo: AA

Најмалку десет илјади израелски војници се загинати или ранети во судирите кои веќе со месеци траат во Појасот Газа.

Според израелскиот весник „Једиот Ахронот“, најмалку десет илјади војници загинале или се повредени во судирите во Газа од 7 октомври минатата година.

Според официјалните податоци на израелската војска, загинале 689 војници, а 4.252 се повредени.

Во извештајот, исто така, се наведува дека секој месец околу 1.000 војници се упатуваат на Одделот за физикална терапија и рехабилитација на Министерството за одбрана, откако биле ранети во конфликтот во Газа.

Како што наведува весникот, татко на војник во бригадата Нахал, која е стационирана на југот на Газа, изјавил дека „војниците веќе десет месеци непрекинато се борат на непријателска територија, под неповолни услови.“

„Таква ситуација никогаш не се случила во историјата на војните во кои се борел Израел, дури ниту во 1948 година“, додаде таткото на израелскиот војник.

Тензиите во регионот дополнително ескалираа откако во средата во Техеран беше убиен политичкиот шеф на Хамас, Ханије. Додека Хамас и Иран го обвинија Израел за убиството, Тел Авив ниту потврди, ниту негираше своја вмешаност.

Атентатот се случи еден ден откако командантот на Хезболах, Фуад Шукр, беше убиен во израелски воздушен напад во јужно предградие на Бејрут.

Стравувањата од сеопфатна војна меѓу Израел и Хезболах се зголемија по сѐ почестите прекугранични напади од двете страни.

Ескалацијата доаѓа во позадина на смртоносните израелски напади врз Газа во кои од октомври минатата година загинаа повеќе од 39.500 луѓе.

AA
Популарни